📽📷 „МИСИЈАТА НА МОРОНИТЕ“ ЗАВРШИ СО ЗАТВОР Казнети мажите што со моторна пила го исекоа славното дрво од „Робин Худ“

Судијката Кристина Ламберт, при изрекувањето на казната, забележала дека не е целосно јасно што ги мотивирало осудените да го сторат делото, но смета дека реакцијата на јавноста им предизвикала некакво лично задоволство. Таа го опиша уривањето на дрвото како чин на апсурдна глупост.

1,234

Двајцата мажи што предизвикаа глобален гнев поради уривањето на едно од најпознатите и најомилени дрвја во Велика Британија се осудени на затвор, објави Најтли.

Даниел Греам, кој има 39 години, и 32-годишниот Адам Каретерс биле прогласени за виновни за кривично дело – оштетување имот, откако во септември 2023 година со моторна пила го пресекле дрвото кај Сикамор Геап, што паднало врз Ѕидот на Хадријан во Нортамберленд и го оштетило. Ѕидот е под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство.






Во вторникот, двајцата беа осудени на по 4 години и 3 месеци затвор.

Нивниот чин во јавноста беше нашироко наречен „Мисија на морони“, поради апсурдноста и бесмисленоста на нивната постапка, а како таков бил именуван од самото обвинителство.

Судијката Кристина Ламберт изјави за време на изрекувањето на казната дека мотивот на осудените не е целосно јасен, но верува дека гневот што го предизвикале во јавноста им донел „извесно задоволство“. Таа оценила дека уривањето на дрвото било чин на „апсурдна глупост“.

Адвокатите на двајцата осудени посочиле дека нивните клиенти, Даниел Греам и Адам Карутерс, ја прифатиле одговорноста за делото за време на разговори со службени лица задолжени за условни казни. Одбраната го опишала нивниот потег како „погрешна постапка под дејство на алкохол“.

Ламберт додаде дека дрвото било репер и „симбол на нескротената убавина“ на пејзажот што го опкружува.

Во изјава за влијанието врз оштетените, прочитана пред судот, претставникот на Националниот фонд, Ендрју Поад, изјави дека „иконичното дрво никогаш нема да може да се замени“.

Тој го нарече вандализмот „неразбирлив“ и додаде дека уништувањето на дрвото предизвикало „огромна тага и збунетост кај луѓето низ целиот свет“.

Дрвото се наоѓаше на превој помеѓу два рида и стана славно поради неговото појавување во филмот „Робин Худ: Принцот на крадците“ со Кевин Костнер од 1991 година.

Според науката, станува збор за дрво од видот Acer pseudoplatanus – еден вид јавор кој потекнува од Централна Европа, Италија и од Западна Азија. Се претпоставува дека дрвото било донесено во Британија од страна на Римјаните.

Ѕидот на Хадријан, изграден од римскиот император Хадријан, се протега околу 117 километри низ северна Англија – од бреговите на реката Тајн до Солвеј Ферт.

Од страна на Националниот фонд, организацијата што се грижи за културните и природните добра во регионот, уште минатото лето беше соопштено дека се забележани знаци на живот во коренот на дрвото, што поттикна надежи дека можеби ќе може да се регенерира.

Во најновите информации, управата на Националниот парк Нортамберленд објави дека остатокот од стеблото ќе биде претставен во уметничка инсталација во близина на оригиналната локација.

Во прилог – сцената од „Робин Худ“ со славното дрво, пред „мисијата на мороните“ да реши дека е време да го уништи дрвото.

Поврзани содржини