И МИЛЕ И КЕНДО И СТЕФАН, И ВМРО И СДСМ – СИТЕ ГО ПОДДРЖУВАА ПРОЕКТОТ „АЛУМИНА“ Сегашните отпори се „чиста политика“, тврди Стевчо Јакимовски
Без разлика дали е на власт ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, проектот „Алумина“ секогаш добивал поддршка, аргументира градоначалникот Стевчо Јакимовски и категорично тврди дека станува збор за добар проект. Во сите претходни планови на оваа локација биле предвидени згради со височина од 105 метри и тоа никогаш никому не пречело. До сега...
„Ова не е проект на Стевчо, ова е проект на ВМРО-ДПМНЕ и на владата на ВМРО-ДПМНЕ. И продажбата и нарачките на урбанистичките планови и измените што се правени. Сето тоа наидувало на поддршка од мене и сега овој проект наидува на поддршка“, изјави градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски, на брифингот со новинарите за проектот кај поранешна „Алумина“.
Јакимовски на новинарите им го објасни историјатот на продажбата на земјиштето на оваа локација и неколкуте измени на деталниот урбанистички план, кои биле извршени на барање на инвеститорите и на тогашните министри на ВМРО-ДПМНЕ, а биле поддржани од сите советнички групи и од него како градоначалник.
– Овој проект мојата поддршка и поддршката од општина Карпош ја има од 2009 година. Ова што сега се случува е чиста политика. Факт дека е чиста политика е тоа што претходните одобрувања ги давале министри од ВМРО-ДПМНЕ, а сега се тие најгласни противници. Тие знаат да кажат „ама тоа било друго ВМРО-ДПМНЕ“. Господинот Владо Мисајловски е актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието. Кога е продавана „Алумина“, надлежен министер во Владата бил господинот Зоран Ставрески. Тој сега е советник на Христијан Мицкоски за локална самоуправа. Тоа значи партијата си има кадровски континуитет, меѓутоа очигледно се обидуваат различно да размислуваат кога се на власт и кога се во опозиција – нагласи Јакимовски.
Градоначалникот на Карпош исто така објасни дека во сите претходни планови на оваа локација биле предвидени згради со височина од 105 метри.
– Продажбата на „Алумина“ е извршена во времето на Никола Груевски, некаде во 2008 година. Купувач беше компанијата „Газит Глобал“ од Израел. Колегата Андреј Петров пристапил кон измени на урбанистичкиот план и внатре се ставени параметри како што барале инвеститорот и Министерството за транспорт и врски. Тогаш министер беше господинот Миле Јанакиевски. Тој урбанистички план се усвојува кога јас станувам градоначалник, на 19 ноември 2009 година, кога претседател на Совет на општина Карпош е Трифун Трифуновски од СДСМ. Значи, овој урбанистички план сме го гласале ние, гласале и од ВМРО-ДПМНЕ, одобрен е од министерот за транспорт и врски – како што побарале за странскиот инвеститор, така сме направиле и немало никаков проблем. ни со граѓани, ни со било кого. И тогаш стоело во проектот дека ќе има згради со висина од 105 метри. Значи 105 метри не е измислено ниту од мене ниту од изготвувачите на најновиот план – им рече Јакимовски на новинарите.
Тој додаде дека на барање на инвеститорите, од Министерството за транспорт и врски кога сè уште е министер господинот Миле Јанакиевски, по бвтор пат било побарано Карпош да го смени урбанистичкиот план во текот на 2012 година, односно 2013 година, бидејќи со новиот генерален план се добиерни нови параметри.
– И повторно, во тој нов план, имаме згради со висина од 105 метри. Тогаш претседател на Советот е господинот Сашо Лазаревски од ВМРО-ДПМНЕ. И овој план го гласаме сите и апсолутно немаме никаков проблем ниту со советничка група, ниту со граѓаните. Во 2016 година доаѓаат сопствениците на земјиштето од Израел и на состанок кај министерот во неговиот кабинет бараат уште една промена, практично трет план. На инсистирање на министерот, направивме и трет урбанистички план, кој е усвоен на 5 јануари 2016 година, а министер тогаш е господинот Владо Мисајловски Кендо, актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Повторно е потпишан и господинот Сашо Лазаревски, како претседател на Советот на општина Карпош. И тогаш ние немавме никаков проблем. Во најновиот план што го имаме сега, повторно имаме 105 метри висина, каде што се предвидени да се градат две висококатници со по 35 ката. Всушност, ова е предлог на господинот Стефан Богоев, јас вака го наследив овој проект – додаде градоначалникот.
– Што е за нас овде важно? Јас, без разлика кој бил во составот на општина Карпош, во континуитет го поддржувам проектот. Без разлика дали е на власт ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, без разлика дали сме на власт во општина Карпош со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, проектот „Алумина“ секогаш добивал поддршка, затоа што сметам дека е добар проект. Со најновиот проект, со 1.000 нови паркинг места, го решаваме проблемот со паркирање на улица Прашка, го решаваме проблемот со паркирање кај „Настел“, го решаваме проблемот со паркирање и од другата страна кај „Сити Плаза“. Дополнителен квалитет ни дава проектот што сите сообраќајници ќе бидат под земја а сè што е над земја ќе биде зеленило – истакна Јакимовски пред новинарите.
Проектот, според Јакимовски, треба да ѝ донесе на општината околу 20 милиони евра од комуналии, со кои, како што кажа ќе се прават фасадите на постарите згради на Варшавска, а и градинката на улицата ќе биде срушена за да се направи нова. Зградите на „Партизанска“ планира да се реконструираат со нови фасади, а „Лептокарија“ ќе оди две нивоа „под земја“ за паркинг места, односно хаосот со паркингот треба да биде заменет со плоштад и фонтана.