Мир во Украина, не војна!

Дали е ерес да се каже дека геостратешките цели на Западот во овој дел на светот многу поефективно ќе се остварат ако се најде мировно решение, а потоа САД и земјите на Европската Унија ги потврдат единството и поддршката на народот на Украина, така што заеднички ќе вложат огромни напори да ги санираат последиците од војната и да и помогнат на оваа земја да оствари супериорен економски и севкупен општествен развој, супериорен пред сè во однос на Русија?

4,682

Војната во Украина покажува дека Путин нема таква воена надмоќ како што се претпоставуваше.

Руската агресија потврди дека Русија е Потемкинова империја.






Путин можеби ќе ја добие битката, но на крајот сепак ќе ја изгуби војната.

Поради бавното остварување на целите од конвенционалната воена инвазија, Русите се служат со нуклеарни закани.

Путин можеби ќе ја освои Украина, но што потоа? Тој нема да може ефективно да владее со Киев, а ќе ослабне неговата моќ и во Москва.

Русија е изолирана и санкциите силно ќе ја погодат.

Европската Унија никогаш не била поединствена.

Итн.

Ова се дел од главните тези со кои странски и домашни аналитичари ја анализираат војната во Украина и последиците од Путиновата агресија. И секако, тие тези во основа се точни, што ќе рече верно ја отсликуваат актуелната ситуација и ја антиципираат блиската иднина.

Јас, сепак, имам проблем да го доживеам аголот на овие тези. Го разбирам, секако, но некако ми е тешко да го доживеам, имено да се поставам во ролјата на некој што развојот на ситуацијата ја следи залегнат во удобна фотелја, покрај мапата на светот, од некој офис во Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз, Берлин …

Тоа е веројатно затоа што гледајќи ги вестите за војната секое попладне, најмногу размислувам за последиците, пред сè за Украина. А тие се стравични. Станува збор за огромни човечки и материјални жртви, неприфатливи за постигнување било каква глобална, геостратешка цел.

Имам огромна почит кон храброста со која Украинците се борат за својата слобода и за своите животи, но не разбирам што добиваат тие од тоа што војната ги покажала слабостите на Путинова Русија.

Не разбирам зошто цената што мора да ја платат Украинците за членство во Европската Унија денес и членство во НАТО еден ден (после долги години одбивање) е тие да се приклонат кон воено решение на кризата, да војуваат храбро со оружјето што го добиваат како помош, да гинат на фронтовите или да ја напуштаат својата земја.

Не е ли тоа превисока цена?

Малодушност ли е да се каже дека додека Русија го губи приматот во однос на Западот на воен план и додека земјата агресор страда на економски план, Украина трпи страшни разорувања, а сликите веќе наликуваат на оние во Сирија?

Нужна ли е таа страшна жртва?

Дали е „проруски“ и сега, кога војната е во полн ек, да се зборува за мирот, да се анализираат можностите за прекин на огнот а потоа и на непријателствата, да се апелира на мирот сепак да му се даде нова шанса?

Дали е ерес да се каже дека геостратешките цели на Западот во овој дел на светот многу поефективно ќе се остварат ако се најде мировно решение, а потоа САД и земјите на Европската Унија ги потврдат единството и поддршката на народот на Украина, така што заеднички ќе вложат огромни напори да ги санираат последиците од војната и да и помогнат на оваа земја да оствари супериорен економски и севкупен општествен развој, супериорен пред сè во однос на Русија?

Знам дека има сериозни автори брилијантни умови кои размислуваат на ваков начин. Всушност, бидејќи не се сметам за експерт за геостратегија и за прашањата на војната и на мирот, анализите на тие автори ме наведуваат на помислата дека на војната во Украина сепак треба да се погледне од еден друг агол.

Особено ако се согласуваме со мислењето дека воен триумф е малку веројатниот исход на конфликтот, чија цена најмногу ја плаќа храбриот народ на Украина.

Поврзани содржини