Министрите се транспарентни на Фејсбук ама никако да изустат што се преговара со Бугарија

Од МНР не добивме одговор дали и кои материјали министерот Бујар Османи ќе ги достави до членовите на Комисијата за надворешни, Заев најави дека пратениците веројатно ќе бидат информирани за детали од разменетите документи со Бугарија.

361

Претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски ги чека „контроверзните документи“ кои Владата ги разменила со Бугарија за да закаже расправа за случувањата со Софија. Премиерот Зоран Заев најави дека пратениците најверојатно ќе бидат информирани додека од Министерството за надворешни работи сѐ уште нема одговор шефот на дипломатијата кои документи ќе ги достави до Милошоски за тој да ја закаже седницата на Комисијата за надворешни.

Оттука неизвесно е дали и кога ќе се одржи седницата, бидејќи нема ни одговор дали Милошоски ќе ја закаже Комисијата доколку не ги добие документите што ги бара од МНР.






– До Комисијата за надворешна политика, како матично тело, сѐ уште не стигнале материјалите кои ги побарав од МНР, а тоа се дополнителните документи кои владите на Заев и на Борисов ги преговарале во прилог на Договорот со Бугарија. Кога ќе ги добиеме овие, засега контроверзни документи, ќе им ги доставиме на пратениците и ќе закажам седница согласно Деловникот. Доколку Владата нема што да крие од народот, очекувам седницата да биде отворена за јавноста – ни изјави Милошоски.

Премиерот Заев денеска на новинарско прашање рече дека пратениците веројатно ќе бидат информирани за деталите од размената на идеи меѓу работните групи и министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, за нонпејперот, за нивното последно размислување кон соседната земја, но и нивната реакција која следеше како одговор на нашиот Акциски план. Заев рече дека во координација со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика ќе се договори точен термин за одржување на седницата на која пратениците ќе бидат информирани за тековните случувања со Бугарија.

Од МНР не добивме одговор дали и кои материјали министерот Бујар Османи ќе ги достави до членовите на Комисијата за надворешни. Тој по прозивката на Милошоски да реферира во Собранието за случувањата со Бугарија, преку Фејсбук информира дека е подготвен низ транспарентна постапка да ги отворат сите прашања поврзани со надворешната политика пред Комисијата.

Милошоски ги повика Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пред пратениците да го достават предлог-анексот врачен од Софија, уште во ноември минатата година. Милошоски во писмо адресирано до Османи и Димитров, им порача да изберат термин што ќе им одговара во периодот од 15 до 29 јануари и да излезат пред Комисијата.

Дека има расположение владините претставници да реферираат пред пратениците најави и претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој рече дека според негови сознанија, најверојатно неделава Акцискиот план со Бугарија ќе се најде пред собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика.

Она што го знам како последна информација е дека најверојатно следната недела ќе реферираат на собраниската Комисија за европски прашања или во Комисијата за надворешна политика двајцата во оваа смисла надлежни министри, значи Димитров за евроинтеграции и Османи – рече Пендаровски.

Шефот на државата не гледа причина зошто да нема седница на која ќе се информира за тековните активности со Бугарија.

– Мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Нема причина зошто да не се случи. Тоа е нивна практично и тековна обврска одвреме-навреме да ги информираат законодавниот дом и пратениците. Значи, ќе има таква сесија, на која сигурно ќе се разговара и за најновиот развој на настаните во таа смисла, во смисла на документи – вели Пендаровски.

Ова ќе биде трет обид на Милошоски, Комисијата за надворешна политика да расправа за случувањата со Бугарија. На претходно двете закажани комисиски расправи Османи и Димитров не дојдоа.

Поврзани содржини