Министрите се откажаа од Гоце Делчев – никој не смее на гробот да му појде!

И кога денес го гледам овој резил, се прашувам, го заслуживме ли ние тоа? Ние што молчиме кога вакви некадарници на ваков простачки начин се откажуваат од колосот на македонската револуционерна борба? 

8,638

Оваа година – година во која најжестоко досега се оспорени македонскиот идентитет и самобитноста на македонската нација – на 4 февруари, по повод 149 години од раѓањето на Гоце Делчев, цвеќе на гробот на револуционерот положи заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски.

Никој од министрите не се осмели да се поклони на гробот на војводата Делчев. Владата испрати заменик министер. ПВРСМ Зоран Заев напиша статус на Фејсбук. Не сум проверил дали некој „чествувал“ на Твитер, на Инстаграм или на Телеграм.






Ова неодговорно и безобразно спуштање на нивото на одбележувањето на денот на раѓањето на големиот македонски револуционер јас го разбирам како чекор кој навестува дека владата на РСМ ќе се обиде тивко да го испрати Делчев во заборав.

Не биле ни случајни ни залудни сите оние писанија на нашите локални корифеи на антимакедонизмот, во кои Делчев и другите македонски револуционери беа изложувани на потсмев. Еве, тој дискурс веќе се преточува во официјална државна политика.

Цели 74 години коските на Гоце Делчев се во Македонија, земјата за која се бореше и го положи животот. Во Софија и ден денес жестоко се обвинува „комунистическиот престапник“ Георги Димитров за тоа што дозволи моштите на големиот револуционер да бидат пренесени од Бугарија во Скопје, со највисоки државни почести.

И кога денес го гледам овој резил, се прашувам, го заслуживме ли ние тоа? Ние што молчиме кога вакви некадарници на ваков простачки начин се откажуваат од колосот на македонската револуционерна борба?

Се прашувам, ќе дојде ли и тој срамен ден кога коските на Делчев ќе им ги вратиме на Бугарите, во столицата на нашата „заедничка историја“? Од овие, богами, сè може да се очекува.

Ќе видиме на 4 мај, на денот на смртта на револуционерот. Нека се спрема кафекуварката од Министерството за локална самоуправа…

Гоце Делчев би рекол: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди од македонскиот“.

Поврзани содржини