МИНИСТРИТЕ НА 20 МУСЛИМАНСКИ ЗЕМЈИ ОСТРО ГО ОСУДИЈА ИЗРАЕЛ Ја нагласија и важноста Блискиот Исток да биде без нуклеарно оружје
Во заедничкото писмо, од министрите за надворешни работи на 20 муслимански земји, се изразува „сериозна загриженост поради опасната ескалација во регионот“.
Шефовите на дипломатијата на арапските и муслиманските земји остро ги осудија нападите на Израел врз Иран и повикаа на деескалација на конфликтот.
Во заедничко писмо – потпишано од министрите на Египет, Јордан, Пакистан, Бахреин, Брунеи, Турција, Чад, Алжир, Комори, Обединети Арапски Емирати, Џибути, Саудиска Арабија, Судан, Сомалија, Ирак, Оман, Катар, Кувајт, Либија и Мавританија – се изразува „сериозна загриженост поради опасната ескалација во регионот“.
Тие „ја потврдија потребата од почитување на суверенитетот и на територијалниот интегритет на државите и на принципот на добрососедство“, повикувајќи ги сите страни мирно да ги решат своите спорови.
Исто така, министрите ја нагласија важноста Блискиот Исток да биде без нуклеарно оружје или друго оружје за масовно уништување и ги повикаа земјите да се приклучат кон Договорот за неширење нуклеарно оружје.
„Конфликтот треба да се реши преку дипломатија, а не со воени средства“, се наведува во заедничкото писмо.