Министерството за образование набавува 10.000 таблети
Дополнително се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно ни е да се подготви училишниот процес за овој реформски пристап кој ќе трае 5-6 години, рече министерката за образование Царовска.
Министерката за образование и наука Мила Царовска вечерва во Тема на денот на телевизија Сител рече дека реформата почнува од септември во прво и четврто одделение, за што се прават сите потребни подготовки.
– Стартуваме со новата концепција, по новите материјали за учење и јас сум сигурна дека ќе се покажат подобри резултати. Сѐ се подготвува со динамиката којашто е утврдена. Што значи дека програмите се донесени. Во постапка е набавката на 10.000 таблети. Дополнително се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно ни е да се подготви училишниот процес за овој реформски пристап кој ќе трае 5-6 години – рече Царовска.
Таа рече дека тече подготовката на материјалите за учење за прво одделение кои треба да се готови до крајот на јули, а првата половина на август првите дигитални учебници треба да бидат готови и да се дадат на училиштата.