📷 МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ЗГРОЗЕН ОД ЗАТВОРСКИТЕ КЕЛИИ Лога вели дека и затворениците се луѓе со достоинство
Се работи за луѓе. И покрај извршените дела тие се луѓе и заслужуваат достоинство. Наместо ресоцијализација и враќање во нормален живот, со ваков третман состојбата на овие лица може да се влоши уште повеќе, вели министерот за правда.
Министерот за правда Кренар Лога заедно со претседателот на Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права, Халил Снопче, членот на комисијата Драгица Ѓавочанова, директорот на УИС Јовица Стојановиќ, директорот на КПУ „Идризово“ Зоран Јовановски и заменик директорот Феми Јонузи, изврши увид и одблиску се запозна со состојбата, условите во затворот, разговараше директно со затворениците и се информираше за проблемите со кои тие се соочуваат.
– Мизерни, катастрофални и супстандардни услови за издржување на затворските казни, пренатрупаност, затвореници спијат на под, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови. Овие услови докажуваат зошто итно ни е потребен Закон за амнестија, со кој барем минимално ќе се растоварат капацитетите. Се работи за луѓе. И покрај извршените дела тие се луѓе и заслужуваат достоинство. Наместо ресоцијализација и враќање во нормален живот, со ваков третман состојбата на овие лица може да се влоши уште повеќе – вели Лога.
Тој апелира оваа состојба да не се злоупотребува за политички цели, а пратениците да покажат хуманост и да дадат поддршка на Законот за амнестија.