МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА НЕ СМЕЕ ДА КОМЕНТИРА СУДСКИ ОДЛУКИ И ДА ПРОЗИВА СУДИИ Јово Вангеловски за поведението на Бојан Маричиќ
„Пласираната приказна за опасноста од бегство на Сашо Мијалков треба да произлегува, па со тоа и да биде поткрепена, со релевантни докази кои судот ќе ги цени во законито спроведена постапка. Приказната без докази наликува на басна“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд во интервју за Плусинфо.
Еднодневната судско-обвинителска бурлеска, кога во рок од неколку часа Апелацискиот суд го ослободи Сашо Мијалков од притвор со кауција од 11 милиони евра, а потоа Кривичниот суд во Скопје му определи 30-дневен притвор за случајот „Плацеви на Водно“, сѐ уште предизвикува реакции во јавноста. Оваа тема беше повод за интервју со Јово Вангеловски, поранешен претседател на Врховниот суд.
- Како ги коментирате настапот на министерот за правда Бојан Маричиќ и неговата прозивка на апелациските судии, кои одлучуваа за понудените гаранции од страна на Сашо Мијалков?
– Имајќи предвид дека се работи за министер за правда, недопуштиво е од таа позиција да се коментираат, а уште помалку да се критикуваат определени судски одлуки. Уште помалку тоа би смеело да се однесува на конкретни судии, објавени со име и со презиме.
- Дали неговата прозивка на судскиот совет да ја испита работата на судиите не претставува закана кон тие што одлучувале, но и порака до сите судии кои би носеле одлуки што не се по волја на министерот ? Колку може тој да ги реализира заканите, со оглед на фактот дека е член на Судскиот совет, но без право на глас?
– Прашањето дали станува збор за закана не е потребно да се коментира, со оглед дека јавно кажаното мислење, според тоналитетот на изјавата, секој може лесно да го протолкува. Бидејќи во вториот дел од вашето прашање експлицитно е употребен зборот закана, очигледно е дека изјавата на министерот така е сфатена и од вас.
Во однос на тоа какво би било влијанието на министерот при одлучувањето на судскиот совет, мислам дека лесно ќе го извлечете заклучокот ако се има предвид начинот на одлучување во Судскиот совет. Министерот, како што кажавте, нема право на глас. Гласањето во Судскиот совет е анонимно, со електронски систем. Но, сега ја имаме состојбата министерот јавно да го соопштува своето мислење, односно соопштува како би гласал кога би имал право на глас.
- Дали има двојни аршини во реакцијата на Маричиќ, со оглед на фактот што не реагираше на овој начин кога на неговиот колега Рашковски му беа прифатени гаранциите за да излезе од притвор ? Исто така, Маричиќ го премолче и излегувањето на Зоран Милески Кицевскиот. Зошто прифакањето на гаранцијата за Рашковски не би била уривање на угледот на судството, а прифакање на гаранцијата за кој било друг би било уривање на угледот?
– Не би можел да коментирам како реагирал министерот во други случаи на донесени судски одлуки за притворски предмети. Ова пред се затоа што информациите за коментирање на такви судски одлуки ми се достапни само од медиумите кои ги следам. Но, со оглед на тоа дека вие, како медиум, тврдите дека во тие два случаја не реагирал, таквото однесување на министерот би било за поздравување. Тоа се судски одлуки, за кои министерот нема надлежност на оценување.
Не ми е познато дали во предметот против господинот Рашковски била прифатена гаранција, или се работи за куќен притвор, но околноста дека тој не се дал во бегство, исто како и многумина други обвинети на кои притворот им е заменет со поблага мерка за обезбедување, укажува на потребата мерката притвор многу порестриктивно да се применува во праксата.
- Како е можно Маричиќ да ја знаел одлуката на Советот во Апелација уште пред таа да биде доставена до адвокатите ?
– Точниот одговор на ова прашање можете да го добиете само од министерот. Јас би можел да ви одговорам со неколку можни претпоставени адреси. Има вкупно четири лица присутни при одлучувањето на Советот на Апелацискиот суд. Од тука, не е исклучена можноста било кој од нив, иако не смеел, тоа да го соопштил на било кое трето лице, кое посредно или непосредно му дало информација на министерот.
Но, независно од тоа кој бил гулабот писмоносец, многу е спорно однесувањето на министерот по добивањето на информацијата. Се разбира дека информацијата не е означена со степен на класификација, бидејќи се работи за нелегален тип на информација. Но, бидејќи се работи за информација која според Законот за кривична постапка, но и според Судскиот деловник, не смее да се открива на трети лица, министерот, како носител на определен сертификат, морал да знае и морал да си го прилагоди сопственото однесување при узнавањето на информацијата која не смеела да се соопштува на трети лица. Особено таквата информација не смеел да ја направи јавно достапна. Записникот за советување и гласање во судот се сочинува само во еден примерок, се потпишува од присутните и се запечатува во посебен плик, со јасно видлива ознака дека во пликот има таков записник и дека е забрането отворањето на пликот. Законот за кривична постапка пропишува дека само повисокиот суд, во точно определена процедура, смее да го отвори пликот, да изврши увид во содржината, а потоа пликот мора да го затвори и да го запечати.
- Според вас, зошто во својот статус на Фејсбук, Маричиќ го премолчел името на третиот судија во советот?
– Ова прашање дефинитивно погрешно ви е адресирано. Прашајте го него. Јас само повторно ќе укажам дека е исправно што го премолчал тоа име, но непростлива грешка е што ги спомнал другите две имиња.
- Дали за еден судија би смеело да биде доволно обвинител, во барањето за притвор, само да наведе дека израелски служби ќе му помогнеле на обвинетиот да избега? Дали не треба да има барем некаков доказ во прилог на тоа тврдење? Овој пат обвинителството не се потрудило ниту да се покрие со некаква службена белешка од АНБ, нешто што беше пракса претходно…
– Законот за кривичната постапка, но и богатата пракса на Европскиот суд за човекови права, налагаат судовите при определувањето на мерката притвор да внимаваат таквата најстрога мерка да ја определуваат рестриктивно и да ја сведуваат на најкусо потребно траење, особено ако таквата мерка може да биде заменета со поблага. Тоа јасно значи дека пласираната „приказна“ за опасност од бегство треба да произлегува, па со тоа и да биде поткрепена, со релевантни докази кои судот ќе ги цени во законито спроведена постапка. Приказната без докази наликува на басна.
За случајот со службената белешка од АНБ, не ми се познати детали, освен многуте коментирања во медиумите. Во секој случај, на судот морале да му бидат презентирани релевантни докази, а пред да бидат ценети, на спротивната страна морало да ѝ се даде можност за произнесување по тие докази. Потоа судот за својата одлука морал да даде јасно образложени и разбирливи причини. Евентуалното постоење класифицирани информации во судските списи не е пречка за водење на законита постапка и никако не смее да биде причина за ускратување на правата на странките.
- Обвинителската Вилма Русковска во едно интервју кажа дека на ручек разговарала со министерот Маричиќ околу некакви нејзини информации што ги добила преку озборувања за наводно бегство на Мијалков. Колку е професионално и сериозно јавен обвинител да споделува спекулации со министерот? Има ли министерот некакви ингеренции за да постапи? Зошто таа, како обвинител, сама не наредила истрага доколку имала такви сознанија, туку ширела шпекулации?
– И ова е едно од прашањата на кои одговорот го имаат учесниците во разговорот, а особено вториот дел од прашањето, на кој одговор може да даде само обвинителката. Сепак се работи за содржина на, со скопски жаргон кажано, кафеански муабет. Не е дека редици кафеански, па и приватни муабети, подоцна не станале сериозни теми со кои се занимавале судовите, но несериозно е сега јас да се впуштам во коментирање на такви разговори.
- Довербата во судството е на најниско можно ниво. Македонија е на 111. место по корупција. Колку ова е одговорност на министерот за правда и како би ја оцениле неговата работа?
– За жал, констатацијата за неславното 111. место е факт. Колку за тоа е одговорен конкретниот министер може да биде предмет на оценка на релевантни институции кои имаат специфични методи за такво оценување. Сигурно е дека некаков удел во одговорноста постои кај секој од членовите на владата, која е најодговорна за оваа состојба.
Со сета почит за стекнатото образование и za професионалноto искуство на министерот, сепак би рекол дека е евидентно неговото неснаоѓање во секторот Правда. Правник без правосуден испит има законски пречки да учествува во повеќето судски постапки и хендикеп на рамноправно ниво да учествува во стручни дебати. Правосудниот систем е прецизно структуиран и како таков бара одлично познавање на прописите, на праксата, но и на состојбите и човечкиот потенцијал, како и на проблемите на секоја од институциите поединечно, за што најсоодветни се личности со богато искуство од таа област. Конкретниот министер во неколку наврати јавно демонстрираше дека не е тоа.