Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!
Киро Глигоров ми одржа лекција за тоа како треба да се чисти околу себе, за да се „стрчи“ што повисоко и да немаш пречка да реализираш нешто што не е добро навреме да го знаат други луѓе. Особено, ако играш на повеќе карти. Очигледно, затоа ја одбил и понудената соработка од Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски, во жешкиот период на распаѓањето на Југославија и жестоката активност на Грција (со сите материјални и кадровски ресурси) за негирање на нашите права. Па така, чест на некои поединци, „царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници.
Господинот Стојан Андов сведочи дека „кадровската рака“ на Србија била испружена во Македонија и за време на конституирањето на првите демократски институции во Македонија. Вмешувањето од северниот сосед и прифаќањето на тоа вмешување сѐ уште траело, бездруго, не за џабе.
Во „Фокус“ од 18.02.2021 година, опишувајќи што се случило на седницата на веќе распаднатото Претседателство на СФРЈ, одржана на 10 јануари 1991 година, со учество на претседателите на републиките (Андов присутен зашто сѐ уште немавме избранo претседател на државата), тој пишува: „На излегување од салата за состаноци (по дадената пауза) ми пријде Слободан Милошевиќ, ме изгушка и ми рече: ‘Ти честитам, Стојане! Добро е што те избраа за претседател на Собранието на Македонија. Да средиш оној Гошев да не стане премиер’. Па продолжува: „Му одговорив дека ништо не можам да му ветам, појаснувајќи дека мојата партија има 18 пратеници од вкупно 120 и ние не можеме да одлучиме кој да биде премиер“. На тоа, Милошевиќ додал: „Добро, ќе дојде Киро и ќе го среди тоа“.
За мене, таквиот разговор не е никакво изненадување, познавајќи ја историската „соработка“ на двете страни и со оглед (како што наведов погоре) на медиумската хајка што српскиот печат ја водеше против мене, како „разбивач на Југославија“, „словенечки докторант“, „копија на Методија Шаторов Шарло“…, хајка што траеше скоро две години. Сепак, чудни се постапките и одговорите на луѓе што се опишуваа(т) себеси како главни актери на осамостојувањето на Македонија. Сaкајќи-несакајќи, господинот Андов ни соопштува дека тој и Глигоров биле подобни кадри за српскиот политички врв. Гошев никако. И дека Андов не му рекол на Милошевиќ да не се плетка во нашите внатрешни работи, туку дека „самиот не е доволно моќен“ да му ја исполни желбата. Па, затоа Милошевиќ однапред му го соопштил името на човекот кој ќе дошол во Македонија, кој ќе ги „фател“ работите во свои раце, пред за тоа да знаат и одлучат надлежните институции во Македонија и ќе ги средел работите според волјата и интересите на српскиот вожд.
Но, клучното од оваа елаборација е следното: српската политика и пропаганда успеа да се замеша во некои прашања на Македонија, да забави некои активности и да наметне мислење дека другите, не Србија, се поголемите разбивачи на Југославија, креатори на ЈУ-армагедонот. Сепак, со тоа не успеа, во настанатите околности, да влијае врз конечната одлука на огромното мнозинство граѓани на Македонија да се определи за опцијата за самостојна држава.
Глигоров не дојде сам во Македонија, јас го донесов!
Кога и како се појави Киро Глигоров во Македонија?
На денот кога Словенија ги усвои измените на нејзиниот Устав (декември 1989 година), со кои примат им даде на своите републички закони пред федералните (со што јасно ја озакони својата конфедерална позиција); на денот на распаѓањето на СКЈ (јануари 1990 година), кога, де факто, соопштивме во која ситуација и Македонија ќе тргне по својот пат на самостојност; на денот на референдумското потврдување на новиот устав на Србија (2 јули 1990 година) со кој и таа ја „развласти“ федерацијата на својата територија; на денот на Референдумот за осамостојување на Словенија (декември 1990 година) и при други слични настани на исчезнување на Југославија, Глигоров сѐ уште живееше во Белград.
Ја минуваше (континуирано) петтата деценија од неговиот живот – по заминувањето од Македонија. Знаеше како (не) заврши 14. Вонреден конгрес на СКЈ. Знаеше дека и ние, делегатите од Република Македонија, не останавме со оние кои сакаа продолжување на конгресот „без кого било“. Му беа добро познати и причините за нашиот (на СКМ, односно СКМ-ПДП) став. Во една прилика ми соопшти дека сосема се согласува со тоа.
Во јануари 1990 година, го вклучив во Комисијата за општествени реформи, замолувајќи некои луѓе да му помагаат во превозот на релацијата Белград – Скопје – Белград (веќе беше со примања на пензионер), а во октомври-ноември 1990 година го вклучив и во изборната кампања за првите парламентарни избори. Сепак, во книгата „Македонија е сѐ што имаме!“, запишал дека сам си дошол (па, излегува дека, онака, самоиницијативно зел учество во Комисијата за реформи, во кампањата за изборите и слично)
И, за да скратам, во оваа прилика, само ќе кажам: како „награда“ за учеството во кампањата, на 27 јануари 1991 година, го избравме за претседател на Македонија, по што, по децениското отсуство, повторно стана жител на Македонија. Пред кампањата му реков: „Ако победиме, ќе бидеш претседател на државата“. На што ми одговори: „Ако ти не бидеш премиер, јас во ни една комбинација, нема да бидам претседател!“
„Стариот лисец“ ем „просрпски комунист“ ем „Бугарин од доверба“?!
Веднаш по неговиот избор за претседател, нашата комуникација „испари“. До изборот за претседател ми се јавуваше најмалку три до четири пати неделно. По влегувањето во претседателскиот кабинет, го заборави мојот телефонски број, особено по завршувањето на мојот мандат како претседател на СКМ-ПДП (на конгресот во април 1991 година, кога ја реализиравме претходно договорената промена на името на партијата во СДСМ). Ги презеде „конците“ во свои раце и ги носеше (формално-неформално) главно сите клучни одлуки; не само до и за 8 Септември 1991 година, туку и многу подолго потоа, особено во првиот негов мандат, 1990-1994 година.
Глигоров, несомнено, беше вешт политичар. Еден од нашите подобро образовани политичари. Способен да преживее секакви тешки политички моменти во својот долг политички и физички живот. Способен да создаде слика за себе дека секогаш бил на страната на попрогресивните тенденции во општеството.
Неговите обожувачи, во доцните години го нарекоа „стариот лисец“. Не знам колку од тоа беше мотивирано од увереноста во неговата опитност да решава компликувани прашања, колку од снаодливоста да се извлекува себеси од периоди на самраци во неговата кариера. Зашто, тој бил апсен од бугарската полиција, со образложение дека е просрпски комунист. Но, ослободен од истата со гаранција на Спиро Китинчев (вршител на должноста градоначалник на Скопје, 1941-1944 година), дека, тој, Киро Глигоров е „Бугарин од доверба“, кој во партизани заминал на почетокот на мај 1944 година (три месеци пред општата мобилизација, со која бил опфатен и мојот татко, седум години помлад од него).
„Егзекутор“ на „либералната“ струја во СКЈ, но и во СКМ
На познатата 21-ва, драматична седница на Претседателството на СКЈ, одржана во Караѓорѓево (започната во 10 часот претпладне на 30 ноември 1971 година, завршена следниот ден во 6 часот утрото), според сведоштвото на Ангел Чемерски (исклучително чесен човек, претседател на ЦК СКМ од 1969 до 1982 година), присутен на таа седница, Глигоров побарал збор последен, дури и откако Тито веќе почнал да ја заклучува седницата – за да ги егзекутира политички тогаш, па и сега, нарекуваните хрватски либерали, водачи на т.н. МАСПОКРЕТ (Савка Дапчевиќ Кучар, Мика Трипало и други), следствено и на сличните во Србија (Латинка Перовиќ, Марко Никезиќ и другите).
Човек кој на (историската) 36-та седница на ЦК СКМ, во јануари 1973 година, повторно зема збор на самиот крај од расправата (по повеќе од 30 дискутанти), за да ги дотолчи, политички, Крсте Црвенковски и Славко Милосавлевски во полза на подогматската струја на Лазар Колишевски, која, поради исходот од спомнатата седница во Караѓорѓево, веќе беше победник над другата. Сето тоа, како продолжение на „чистењето“ на полибералното крило (комунисти) од редовите на СКЈ.
Човек кој, како претседател на Собранието на СФРЈ (1976 година) му чита ода на Законот за здружениот труд, со што беше инаугурирарана Кардељевата „договорна економија“, кога, всушност, започна и периодот на најголемата неефикасност на ју-економијата.
Човек кој (1981-1982) му беше десна рака на Сергеј Крајгер во подготовката на Програмата за економска стабилизација (колоквијално нарекувана Крајгерова програма) и беше официјален документ на 12. Конгес на СКЈ, 1982 година. Напишана на 1500 страници, со зацементираниот став дека: „Југославија мора да му остане верна на самоуправувањето зашто нема алтернатива, бидејќи либерализмот и државниот социјализам се целосно неприфатливи“. На Крајгер, кој во образложенијата на таа Програма тврдеше дека „Кејнсијанизмот и монетаризмот (двете економски доктрини) се покажале неспособни да ги решат економските проблеми на современиот капитализам“, а патем и дека „општата криза на капитализмот е подлабока од кога било и дека нема никакви изгледи да биде надмината“, истовремено отфрлајќи ја можноста Југославија да се врати на некои облици на „стариот буржоаски парламентаризам“.
Всушност, таа, „Програмата…“, не пронајде никаква вина за тогашната економска кризата ни во Уставот од 1974 година, ни во самоуправувањето, ни во концептот „договорна економија“. И по сето тоа, да успее да создадете слика за себе како за „умерен“ „недогматичен“ политичар, згора на тоа и на „економски реформатор“ (на поширокиот простор на Југославија) нема сомнеж дека се работи за поседување врвни квалитети за „адаптирање“, „постројување“, „престројување“, способност за „фаќање на моментумот“ за политичко преживување. Високите функционери во Македонија не го милуваа многу, во што самиот сум се уверил. Не ретко раскажуваа една метафора што за него често ја употребувал Лазар Колишевски. Од пристојност нема да ја цитирам, но нејзиното образложение гласеше: „Ако го удриш од левата страна, веднаш свртува на десната, ако го удриш од десната, веднаш свртува на левата!“
Ова е текст за нашата „култура на мамење“. Посебно во моменти кои слободно може да ги наречеме „соочувања со историјата“. За упорноста на нашите претставници на власта, секогаш на својот народ да му „скројат капа“, според сопствената, а не според неговата глава. Секогаш „лагата да блесне посилно од вистината“. Притоа, ќе се обидам тоа да биде што повеќе во согласност со геслото на Огист Конт (Auguste Compte): „Ништо не претпоставувам, ништо не предлагам, јас изложувам“, што, признавам, воопшто не е лесно. Па, ако покажам недоследност во таа смисла, однапред се извинувам.
„Царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници
По ова, се разбира, секој има право да ме праша: па, зошто си му помогнал повторно да оживее во политиката во Македонија?
Е, тоа е дел од тогашниот мој поглед за актуелните и претстојните искушенија за Републиката и дел од мојот тогашен пристап и ентузијазам. Сметав дека Македонија нема многу опитни кадри. Всушност, ги немала никогаш. Дека треба да се ангажира сѐ што е поопитно и со авторитет, а Глигоров бездруго го имаше и едното и другото, респектиран од општата јавност во Југославија. За жал, без да знам навреме и некои особини и постапки на поединци (вклучително и негови), кои, бавејќи се со политика, сум требало, или сум морал да ги знам.
Потоа Глигоров ми одржа лекција за тоа како треба да се чисти околу себе, за да се „стрчи“ што повисоко и да немаш пречка да реализираш нешто што не е добро навреме да го знаат други луѓе. Особено, ако играш на повеќе карти. Очигледно, затоа ја одбил и понудената соработка од Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски, во жешкиот период на распаѓањето на Југославија и на жестоката активност на Грција (со сите материјални и кадровски ресурси) за негирање на нашите права. Па така, чест на некои поединци, „царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници.
(Во следното продолжение: Љубчо сонуваше конфедерација со Бугарија и со Грција, Бранко веруваше во Југославија, а Глигоров матеше со Изетбеговиќ)