Милитаризирана ЕУ – Обид за нејзина рефакторизација (ЕУ со шлем и штит – но без компас)

ЕУ се обидува да постигне поголема автономија во сферата на одбраната и безбедноста, со цел да ја зголеми својата независност и да го зајакне своето влијание на глобалната сцена. Ова се гледа во стратегијата на ЕУ за „стратешка автономија“.

618

Во последните години, Европската Унија (ЕУ) поминува низ сериозни институционални политичко-економски но и безбедносни предизвици. Од мигрантската криза, преку Брегзит, енергетската криза, конфузната надворешна политика (особено кон Русија и Кина) па се до заострување поточно заладување на економските односите со САД и односот кон војната во Украина, ЕУ се соочува со страв од можна геополитичка маргинализација. Оттаму и нејзината итна потреба да се рефакторизира и да ја промени досегашната водена геостратегија. Оваа реформа, или преобликување, се одвива во контекст на се поголемата растечка милитаризација на Унијата, што подразбира создавање и развој на сопствени одбранбено-безбедносни капацитети.

ЕУ се обидува да постигне поголема автономија во сферата на одбраната и безбедноста, со цел да ја зголеми својата независност и да го зајакне своето влијание на глобалната сцена. Ова се гледа во стратегијата на ЕУ за „стратешка автономија“. Преку иницијативи како PESCO (Permanent Structured Cooperation) и Европскиот одбранбен фонд, Унијата донесе одлука да вложува во заедничка воена мобилност, индустриски синџири и воено истражување. Тоа се обиди за излез од сенката на НАТО и САД. Од друга страна од класичната дипломатија, во последно време ЕУ користи фрази како „геополитичка Унија“, „одбранбена мобилност“, „проекција на моќ“ – кои во минатото беа типични за САД или Велика Британија. Ова е индикатор за обид за факторизација преку сила, а не вредности. Милитаризацијата на ЕУ е форма на компензација и стратегија на ЕУ да се репозиционира како фактор на глобалната сцена, особено по нејзиното дефакторизирање од страна на САД.






Но прашањето е: Дали тоа е реална воена независност или само симболична конструкција за домашни и регионални цели? САД имаат геополитичка визија и глобален механизам за проекција на сила, додека ЕУ има визија, но без средства за реализација. И затоа сметам дека милитаризацијата на ЕУ е повеќе декларативна, отколку практична, освен доколку не дојде до клучна политичка интеграција на безбедносниот сектор (нешто што Франција го предлага, а Полска го поддржува – но Германија е воздржана). Второ, досегашното искуство на овој план покажа дека САД сè уште се арбитер во клучни безбедносни прашања, вклучително и во Европа, додека ЕУ главно реагира, не иницира.

Меѓутоа, процесот на милитаризација на Европската Унија не е без контроверзи. И покрај декларативните заложби за „стратешка автономија“, ваквата трансформација предизвикува сериозни прашања во однос на легитимитетот, функционалноста и политичката кохезија на Унијата. Контроверзите се особено изразени во следните аспекти:

Прво, се поставува прашањето за можноста од дуплирање на капацитетите со НАТО. Создавањето паралелни структури за одбрана и безбедност во рамките на ЕУ, без јасна координација со постојните механизми на Северноатлантската алијанса, отвора дилема за потенцијална институционална конфузија, распарчување на ресурси и стратешка неефикасност. Ова е особено изразено во контекст на различните перцепции за безбедносни закани меѓу земјите членки.

Второ, постои очигледна политичка неусогласеност во рамките на самата Унија. Иницијативите за безбедносна интеграција не се прифатени со еднаков ентузијазам од сите земји членки – Франција промовира посебна европска стратегија за одбрана, Полска поддржува зголемено присуство на американски сили, додека Германија останува воздржана и внимателна кон амбициозни воени проекти. Оваа разнородност го поткопува концептот на заедничка одбранбена политика.

Трето, се јавува ризик од редефинирање на европскиот идентитет. Унијата, која историски се позиционираше како проект на мир, помирување и норми, сè повеќе се оддалечува од оваа симболика во корист на реторика за „проекција на моќ“ и „одбранбена мобилност“. Овој премин од „нормативна моќ“ кон „тврд реализам“ може да го девалвира нејзиниот глобален морален капитал и да ја наруши довербата на граѓаните.

Четврто, процесот на милитаризација отвора прашања за транспарентност и демократска контрола. Развојот на Европскиот одбранбен фонд, инвестициите во воена индустрија и операционализацијата на PESCO се одвиваат со ограничено учество на Европскиот парламент и граѓанскиот сектор. Ова може да резултира со дефицит на легитимитет и отсуство на институционална одговорност.

Петто, постои длабока внатрешна поделеност околу геополитичките приоритети, особено во однос на Русија и Кина. Дел од земјите членки, главно од Источна Европа, имаат рестриктивен пристап и силна ориентација кон САД, додека други, како Франција и Италија, се залагаат за стратегиско балансирање. Ова ја доведува Унијата во позиција на реактивност, наместо проактивност во креирањето на безбедносната политика.

Шесто, се поставува сомнеж дека концептот на „стратешка автономија“ е инструментализиран од страна на одредени водечки држави – пред сè Франција – како алатка за промоција на сопствени национални и индустриски интереси, прикриени под плаштот на заедничка европска безбедносна архитектура. Ова може да предизвика фрагментација и ерозија на довербата меѓу земјите членки.

Седмо, актуелната милитаризација може да доведе до ескалација на тензиите со Русија, особено во Источна Европа. Проширувањето на военото присуство, зголемените буџети за одбрана и одржувањето на воени вежби во близина на границите на Русија не само што можат да бидат перципирани како провокативни, туку и да доведат до конкретни контрамерки и да предизвикаат непредвидливи геополитички последици.

На крајот, обидот на Европската Унија да се милитаризира и да се претстави како самостоен геополитички актер, повеќе личи на бран од несигурност отколку на резултат на стратешка зрелост. Наместо обединета визија, гледаме фрагментиран пристап, каде што поединечни земји – како Франција и Полска – туркаат напред, додека други, како Германија, се колебаат. Наместо интегрирана одбранбена структура, сведоци сме на паралелни проекти, симболични фондови и декларативна реторика.

Она што некогаш беше Унија на вредности, денес сè повеќе го менува своето лице – од софт моќ кон проекција на хард моќ. Но, без реална автономија, без сопствени геополитички столбови, и без способност да носи храбри одлуки независно од Вашингтон, ЕУ останува сенка на сопствената амбиција.

И додека се зборува за „стратешка автономија“, прашањето останува: автономија од кого, со која цел и по која цена? Бидејќи, ако демократијата, транспарентноста и вредностите ѝ станат жртви на новиот милитаризам, тогаш Унијата не само што нема да се рефакторизира – туку ќе се самоуништи одвнатре, во обидот да изгледа силна пред себе и пред светот.

Кога беше формирана, Европската Унија (тогаш Европска економска заедница) имаше јасна визија: да ги обедини народите на Европа преку економија, меѓузависност и мир. Беше создадена како проект за надминување на национализмите што ја раскараа Европа низ вековите, со цел да ја претвори во простор на соработка, солидарност и благосостојба. Но денес, таа визија се заменува со нова реторика – реторика на моќ, оружје и геополитичка автономија наместо јазикот на вредности и норми.

Европската економска заедница прерасна во нешто сосема различно: од унија на вредности, таа сè повеќе наликува на милитаризирана заедница во потрага по своја улога во светот кој станува се понестабилен. Наместо економска кохезија, сега се зборува за „одбранбена мобилност“, „геополитичка моќ“ и „проекција на сила“. Тоа не е само промена на стратегија – тоа е радикална трансформација на идентитетот.

Поврзани содржини