Милиони деца поради ковид-19 ја пропуштија редовната вакцинација
Родителите често се соочувале со затворени клиники или не ги носеле своите деца на вакцинација поради страв од инфекција.
Околу 23 милиони деца ги пропуштија рутинските вакцинации против детски болести, вклучително и дифтерија, тетанус и пертусис, во текот на минатата година поради пандемијата на коронавирусот, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ.
Тоа е 3,7 милиони повеќе деца кои пропуштиле редовни вакцинации отколку во 2019 година, посочуваат СЗО и УНИЦЕФ. Податоците покажуваат дека опаѓање на бројот на вакцинирани деца има во повеќето земји во светот.
Ситуацијата е уште полоша со другите вакцини
До 17 милиони деца не примиле никаква вакцина против детски болести, а повеќето од нив се деца кои живеат во области погодени од конфликти и сиромашни населби и оддалечени области, каде што пристапот до основната здравствена заштита е веќе строго ограничен.
Родителите често се соочувале со затворени клиники или не ги носеле своите деца на вакцинација поради страв од инфекција.
Вакцинацијата на деца е особено одложена или тешка во земјите од Југоисточна Азија и Источен Медитеран.
И додека земјите се борат да ја добијат вакцината за ковид-19, состојбата е уште полоша со другите вакцини и децата се изложени на ризик од заразување со болести што можат да се спречат, како што се детска парализа, сипаници или менингитис, предупреди директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус.