Жителите на Лејк Џексон, гратче во Тексас, САД, се предупредени да не ја користат водата од чешма откако во градскиот водовод е откриен смртоносен микроб кој го јаде мозокот, пишува Би-Би-Си.
Тестовите го потврдиле присуството на Naegleria fowleri во системот. Оваа амеба може да предизвика воспаление на мозокот, кое најчесто е фатално. Вакви инфекции во САД се ретки, имало 34 случаи од 2009 до 2018 година.
На жителите на осум општини во Тексас им е кажано од вчера да не ја користат водата од чешма за ништо, освен за пуштање во тоалетните школки. Но, подоцна тие биле предупредени дека треба да внимаваат вода да не им влезе во носот додека се капат.
Анализата на водата почна откако шестгодишно дете почина месецов и кај него беше откриено присуство на овој микроб.
Naegleria fowleri природно се појавува во свежа вода и ја има низ целиот свет. Ги инфицира луѓето ако загадена вода влезе во телото преку носот и потоа патува до мозокот. Се закачува најчесто кога луѓето пливаат или нуркаат. Луѓето не може да заболат од пиење загадена вода ниту пак може да се пренесе од човек на човек.
Симптомите на заболените се температура, гадење, повраќање, вкочанет врат и главоболка. Најчесто се умира по една недела.
Ваква инфекција годинава беше потврдена и на Флорида.