Мигранти во ЕУ се пожелни – кога се враќаат дома
Данските рестриктивни мерки за ограничување на миграцијата несомнено беа „инспиративни“ за Шведска, посебно паричната потпора од 300.000 дански круни (околу 40.000 евра), кои може да ги добијат мигрантите доколку одлучат трајно да се иселат од Данска и да се вратат во нивните земји. Околу 300 лица, на кои им била одобрена ваква парична помош, се иселиле од Данска во 2023 година. Можеби и меѓу балканските мигранти, вклучувајќи ги и Македонците, ќе има такви кои ќе помислат дека сума од 40.000 евра не е за потценување за да се вратат дома.
„Тоа е мошне иснспиративно за нас“, рече деновиве австрискиот канцелар Карл Нехамер, нагласувајќи дека Австрија со внимание ги следи промените што Шведска во последните години успешно ги спроведува во мигрантската политика. Нехамер го покани својот шведски колега Улф Кристерсон идната недела да ја посети Австрија, со цел детално да ги опише мерките што се применуваат за намалување на миграцијата во Шведска.
А шведските „успеси“ се неспорни. На бегалците и мигрантите треба да им се помогне, но најмногу така што ќе им се олесни да се вратат таму од каде што дошле. Поранешната шведска министерка за миграции, Мариа Стенергард, која деновиве беше назначена за министер за надворешни работи, неодамна на прес-конференција соопшти, речиси со насмевка на лицето и со возбуда во гласот, дека најновите статистички податоци јасно и недвосмислено покажуваат дека „за првпат во изминатите 50 години повеќемина се иселиле од Шведска, отколку што се доселиле во земјата“.
Покажувајќи ги статистичките дијаграми околу падот на бројката мигранти, шведската министерка воопшто не ни почувствува потреба барем попатно да ја спомене неоспорната вистина дека миграциите историски сепак ја збогатиле Шведска. Не го спомена тој факт, сметајќи веројатно дека нема многумина такви кои и понатаму сакаат да го слушнат тоа.
Миграциите станаа едно од најважните изборни прашања во Европа. Како, на пример, во двете германски сојузни покраини, каде што екстремно десничарската Алтернатива за Германија, (АфД), постигна одлични изборни резултати.
Не само во скандинавските земји, туку и во Австрија, Унгарија и Германија сѐ поизразено се присутни заложби за намалување на миграцијата. Германија неодамна ги продолжи граничните контроли, меѓу другото поради „нередовните миграции“, и покрај силните критики дека таквите мерки се во спротивност со слободата на движење во рамки на ЕУ.
Според унгарската влада, која никогаш не ја криела својата намера да не прима мигранти, ЕУ сака да ја „присили“ Унгарија да ги земе „нелегалните“ мигранти кај себе. Унгарскиот премиер Виктор Орбан дури се закани дека ќе ги качи мигрантите од Унгарија во автобуси и ќе им врачи билет во еден правец за Брисел.
Бранот на ксенофобија и нетолеранција кој се шири низ Европа, сепак не започна вчера. Во изминатите години екстремно десничарските партии постепено успеаја да се сместат во парламентарните пратенички клупи во низа европски земји, предизвикувајќи тектонски поместувања на политичката сцена. Токму затоа владејачките структури сѐ почесто зборуваат за неопходност од нови реформски решенија и се повикуваат на прагматични причини кои налагаат воведување ред и преиспитување на досегашната политика на интеграција на имигрантите во западноевропските општества. Што да се направи за да не се прибегнува кон прикажување на културните разлики како кочница на развојот и воедно тие да не бидат сфаќани како пречка за успешно функционирање на општествената заедница?
Данската влада уште пред повеќе од десетина години оформи нов закон за странци, со кој се менуваат правилата за семејно поврзување. Правилото дека данскиот граѓанин треба да биде на над 24-годишна возраст за да му се дозволи на сопружникот по склучувањето брак да се пресели во Данска, тогаш беше комплетирано со систем на поени кој требаше им олесни на поединците со високо образование и со познавање јазици да се населат во Данска. Условите за добивање данска дозвола за престој и работа беа заострени за оние што не исполнуваат такви услови. Се воведе и барање за банковна гаранција од 100.000 дански круни за да се одобри дозвола за престој на сопружникот. Со вакви законски промени, Данска според многу показатели воведе најрестриктивна имигрантска политика во Европа. Данската влада, всушност, најави засилување на офанизавата против „гетата“, односно населбите во големите градови кои се густо населени со имигранти.
Западните општества со симпатии ги прифаќаат, на пример, кулинарските традиции и новите музички рефрени што со себе ги внесуваат „другите“ (новодојдените), но во исто време од разни позиции во општеството се продолжува со тврдења дека токму „имигрантите“ придонесуваат со зголемен обем на криминал, илегална трговија со дроги и злоупотреба на социјалните придобивки. Токму затоа прашањата поврзани со мултикултурализмот, кој сега доживува јавна негација, продолжуваат во себе да го кријат проблемот кој во суштина се однесува на моќта и хегемонијата. А искуствата учат дека поделбата на моќта во општеството ги исклучува непожелните.
Данските рестриктивни мерки за ограничување на миграцијата несомнено беа „инспиративни“ за Шведска, посебно паричната потпора од 300.000 дански круни (околу 40.000 евра), кои може да ги добијат мигрантите доколку одлучат трајно да се иселат од Данска и да се вратат во нивните земји. Околу 300 лица, на кои им била одобрена ваква парична помош, се иселиле од Данска во 2023 година.
Шведска сега реши да ги следи чекорите што се прават во Данска. Под притисок на екстремно десничарската партија Шведски демократи, без чија поддршка шведската коалициска влада би го изгубила мнозинството во Парламентот-Риксдаг, деновиве е усвоена одлука за драстично зголемување на паричната потпора за доброволно враќање на мигрантите од Шведска во нивните матични земји, во речиси иста висина на износот како и онаа во Данска, односно 350.000 шведски круни. Одлуката ќе стапи на сила во 2026 година.
Колкумина мигранти, меѓу оние кои можеби не успеале доволно да се „интегрираат“, не го научиле солидно јазикот и не нашле работа, или живеат со години од социјална помош и други придонеси и додатоци, ќе се „инспирираат“ од понудената парична потпора за да фатат џаде назад кон своите земји на потекло, останува да се види.
Можеби и меѓу балканските мигранти, вклучувајќи ги и Македонците, ќе има такви кои ќе помислат дека сума од 40.000 евра не е за потценување. За да се вратиш во својата земја. Доколку, се разбира, не е за потценување и бројката на оние кои навистина го посакуваат тоа. И кои навистина ќе поверуваат дека тоа нема да служи, всушност, за нечие залажување.