Мицкоски: Животите се прескапи за мафијата толку евтино да си игра со нив
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија се соочува со огромна здравствена и национална катастрофа
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и денеска во пост на Фејсбук побара оставка од владата ако таа не успее да го стави во фукција системот за да се спасат животите на граѓаните поради високите бројки на новозаразени со ковид-19.
„Македонија се соочува со огромна здравствена и национална катастрофа. Само денес 383 новозаразени, додека седум животи згаснаа поради ковид-19, тоа се седум семејства кои изгубија свој близок, седум места помалку на трпезите во седум семејства. Тоа се личности со име и презиме, а не само бројка. Денеска секој четврти кој се тестирал за ковид-19 е позитивен“, пишува Мицкоски во статус објавен на Фејсбук.
Тој во постот прашува што прави Владата?
„Владата дава пари од 270 илјади евра за берберница и пари за обука на магариња и коњи. Неспособноста на Владата чини животи. И една порака до челниците на Владата кои делуваат како мафија: украдовте избори, делевте картички, парите на народот ги трошевте додека сите нѐ задолжувавте, брутално крадете, нема гадост која не ја направивте и работа за која не излажавте, сето тоа не придонесе да се решат проблемите, вие тие проблеми ги создавате.Имате две опции, или системот мора да профункционира за да се спасат животи или оставки веднаш. Животите се прескапи за мафијата толку евтино да си игра со нив“, пишува лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.