Мицкоски: Во меѓународниот договор за мир Бугарија е окупатор кој треба да плати воена репарација
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека тоа се факти, за тоа веќе не треба да се говори и преговара.
Лидерот на ВБМТО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисија на ТВ 21 прочита делови од меѓународниот договор за мир на Сојузниците во Втората светска војна и Бугарија како членка на Силите на оската од 1947 година како одговор на тврдењата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС.
– Заев вчера кажа за бугарски медиум дека Бугарите не биле окупатори и не биле соработници на фашистите, туку биле ослободители и административци и ги ослободиле Крива Паланка, Куманово итн. А, ова пред мене што го гледате е договор за мир кој што е постигнат во 1947 година и е заведен во Обединтетите Нации, кој што сојузниците го имаат потпишано со Бугарија. Од името на сојузниците тој документ е преведен на неколку јазици, меѓу кој и на бугарски јазик. Уште на самиот почеток во документот вели сојузниците СССР, Обединетото Кралство, САД итн. потпишаа договор со Бугарија т.е. другата страна каде што Бугарија во превод е претставена како сојузник на Хитлерова Германија – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека во документот во членот 4 пишува дека Бугари во согласност со истиот мировен договор се има обврзано да преземе мерки со кои што ќе ги распушти и ќе ги реши сите организации од фашистички тип на бугарската територија. Без разлика дали се политички, воени, паравоени.
– Во членот 21 од договорот Бугарија е обврзана да плаќа репарација затоа што окупирала територии од поранешна Југославија. Се подразбира на денешна Македонија. И конечно на крај овој договор кој што има 30-тина страни е потпишан од сите кои што учествуваат во неговото креирање. Кои се тие? Еве, од името на СССР, од име на Обединетото Кралство, од името на САД, Австралија итн – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тоа се факти, за тоа веќе не треба да се говори и преговара.