Мицкоски во Битола: Во СДСМ се заглавени и киднапирани од Зоки, Бучко, Рашко, Путерот, Оли…
Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Заев драматично губи, а разликата се зголемува. Нема човек кој мисли добро за оваа Влада и кој не е разочаран. И токму затоа адутот на Заев се парите за поткуп, заштита на криминалот и лагите за опозицијата, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Хераклеа, Битола, пред членовите на Унијата на млади сили на партијата.
– ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери. Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, но воедно тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски, повторувам македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија. Таа борба за мене е завет. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и секогаш била и ќе остане народна партија – рече Мицкоски.
Главното прашање, додаде Мицкоски, е колку со договорите се подобри квалитетот на живот и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојдат високите плати, бесплатното и квалитетно здравство, отворање на границите и бесконечни можности?
– Ниту една голема афера нема правна разрешница. Кој човек од власта лежи казна затвор? Зошто Заев го брани Рашковски, а судот испорачува и го ослободува? Каде се парите од рекет? Зошто се дозволи да избега Ден Дончев, иако на камери видовме како зема туце со пари? Што е со пасошите давани за криминалци и аферата Мафија? Таму лежат службеници, а нема истрага за Спасовски. Зошто никој не го викнал Вице за рекетот од 250 илјади евра во РЕК, додека Ковачевски за зделката е унапреден од директор на РЕК Битола во директор на ЕЛЕМ? Има уште стотици и стотици други скандали, афери, криминали, кражби, неправди и измами. Кој може подобро да ги брани или застапува, јас кој едно пенкало во својот живот не сум позајмил или Заев аболиран политичар кој украде цела држава? Јас кој што се школував овде и во центри во Европа, или Заев кој во тоа време создаваше клановска крими империја во Струмица? Јас, кој работам според чест, принципи и вредности или Заев кому свитканата кичма, лажењето и тапкањето по рамо му е секојдневие. Се знае кој е тука изборот – додаде Мицкоски и им постави неколку прашања на насобраните граѓани.
– Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните пара-аналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев.
Токму затоа власта на Заев преку ограничување на слободата, диктирањето на тези преку ваквите пара-аналитичари и со силно присуство и замешателство на државни полициски структури создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно. Нивната цел е кога ќе се каже зборот патриот или Македонија, секој оној кој тоа го збори да се оцрни дека е квази патриот кој брани некаков криминал. А вистината не е таква таа е сосема спротивна.
Ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести, власта ги прави за да ја деградира нашата борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал. Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата што да правиме „сите се исти“. А, не сме исти. Дури ни тие во СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души, на чело со Зоки, Бучко, Рашко, Путерот, Оли и сличните ним – рече Мицкоски.