🎥 МИЦКОСКИ ВЛЕЗЕ ВО КАБИНЕТОТ Новиот премиер ја презеде функцијата од Талат Џафери
На церемонијата во просториите на Владата, како новоизбран премиер, акцентирав дека ќе ги почитувам принципите на транспарентност, одговорност и напредок. Мојата визија е насочена кон економски раст, социјална кохезија и меѓународна соработка. Остануваме посветени на решавање на итните прашања со кои се соочуваме и работа кон обединета и просперитетна држава, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери.
На примопредавањето во Владата, Мицкоски и Џафери имаа кратка средба, без изјава за медиумите.
Досегашниот премиер, Џафери, му го честиташе стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот претседател на Владата, Мицкоски, пришто му посака успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата и на Република Северна Македонија.
„Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија.
Досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети“, соопшти Владата.
Тој денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.
Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.