МИЦКОСКИ СО ПИСМО НА ЗАДАЧИ ЗА КОСТОВСКИ, КАНДИДАТОТ ЗА БУТЕЛ Мора на локалните фараони и силеџии да им дојде крајот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека доаѓа крај на градоначалниците „комшии“со по еден стан од секоја ново изградена зграда.

598

Колку власта е исплашена, колку само им се тресе душата од промените кои доаѓаат ќе видите по нападите кои оркестрирано ги прават и говорот на омраза кои го истураат врз Данела Арсовска. Не знаат кој правец да го фатат, а омразата ги заслепува. Па оној кој себе си се преставува за градоначалник на Скопје, кој камен на камен нема ставено за Скопје, цели четири години уште не може да ги заврши проектите на неговиот претходник, кој поседува имот, слично како и неговиот лидер во партијата, а кој може да се мери со некој блиско-источен монарх, започна дебата дека Данела не била независен кандидат.

Ова во обраќањето до присутните во општина Бутел  го подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски при претставувањето на кандидатот за градоначалник на општината Дарко Костовски.






– Тоа е така  зошто тие од СДСМ не може да сфатат дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно демократски капацитет за да препознае и признае квалитет надвор од партиските рамки и да поддржи независен кандидат за Скопје. А не може да сфатат зошто како што велат оние кои престануваат да служат на врхушката во СДСМ, велат тоа е киднапирана партија. Проблемот е тоа што тие кои ја киднапирале СДСМ сега ја имаат киднапирано и државата. А бидејќи велат дека тука во ВМРО некој од некого се срамел, тогаш ќе им кажам што е вистински срам. Срамота е, и не само тоа, туку вистинско одлепување од реалноста е да си најбогат градоначалник на градот каде живее најсиромашно население. Срамота е луѓето да не те знаат по проекти, туку по четити стана, хациенда од викендица и една зграда среде Скопје, додека најголемиот дел од народот живее притиснат во домови од по 60 квадрати и така неколку генерации во исто време. Срамота е мистериозно да ти исчезнат 12.5 милиони евра од продажба на нова градска куќа, а градот да го оставиш во трули бараки. Срамота е и да се местат тендери на кои секогаш има само еден понудувач кој најчесто е и добитник – рече Мицкоски.

Тој додаде дека  тоа што е срамота за сите нормални луѓе, за власта не е.

– Зошто тие имаат отсуство на срам. И толку за нив. ВМРО-ДПМНЕ води позитивна кампања, зошто на народот му е преку глава да слуша што не чини, зошто сите ние ја живееме реалноста, време да чујат за што се бориме и што ќе направиме – рече Мицкоски.

Тој рече дека  Бутел заслужува многу повеќе од тоа што го живее денес, а обврска на  Дарко Костовски е да ги промени работите.

Тој прочита писмо до идниот градоначалник на Бутел  во кое се запишани неговите задачи а тоа се:

  1. Мора на локалните фараони и силеџии да им дојде крајот. Општината мора да се врати на народот, оној чесен и искрен народ кој си ја сака општината. Слушам дека Бутел им припаѓал на некакви улични битанги кои со нога во врата влегувале  и врата кршеле кај актуелниот градоначалник, дека тие биле главните кои носеле одлуки. Бутел бил нивен, јас ќе кажам општината е на народот. Дарко тука главниот мора да биде народот, а ти да бидеш нивниот слуга и отчет да даваш и само за нив да се бориш. А бандитизмот многу брзо ќе заврши, зошто доаѓа да владее силата на законот.
  2. Дарко подади рака кон секого кој што сака да помогне за развојот на Бутел. На крајот ќе те паметат не по тоа колку врати си затворил, туку по тоа колку врати си отворил. Секој еден човек е важен. Мора да обединуваш, зошто имаш одговорност. Имаш поголема одговорност од било кој тука во Бутел.
  3. Општината е составена од различни етникуми. Но, сите тука ги обединуваат истите проблеми. Различни сме по припадноста но заеднички ни се страдањата и маките. Затоа да се грижиш за подеднакво за секое едно маало, за секое едно делче во Бутел. Било да е за Бутел 1, било да е за Бутел 2, Радишани или Скопје север.
  4. Таквите локални фараоани кои ги споменав бргу ќе му откажат послушност на Велимир. И првото нешто што ќе го направат е да ти се доближат. Но тогаш ќе треба да знаат дека ти не си опцијата која ќе им ги спроведе интересите на пиштолџиите, затоа што единствено ќе спроведуваш интереси на народот.
  5. Биди достапен цело време. Градоначалничката работа е хумана, но и тешка. Треба да имаш разбирање за секоја една потреба, колку и таа да бара време. Затоа многу помалку во канцеларијата, а многу повеќе на терен.
  6. Доаѓа крај на градоначалниците „комшии“со по еден стан од секоја ново изградена зграда. Дарко, не е грев човек да е богат, но е исклучително е сомнително за многумина кои влегоа во политиката многу сиромашни, а излегоа безобразно богати. Затоа од тебе барам чесно да работиш, и чесно да ги извршуваш работите, затоа што  образот и достоинството немаат цена.
  7. Потребно е секоја градба да биде согласно закон, со онолку зелена површина колку законот тоа го дозволува. Енормната бетонизација го уништува градот. Мора да се почитуваат законите. На народот не му треба бетон туку паркови и зелени површини. Спротивстави се на урбаната мафија. Не се мафијаши оние кои целиот живот штедат за еден стан, туку оние кои прават цели згради и облакодери и го уништуваат се што ќе им се најде на патот, го уништуваат зелениот простор.
  8. Ветеното мора да го реализираш. Да се трудиш програмата да ја исполниш до последниот збор. Овие од власта пред изборите во 2017 година пред 4 години мафтаа со програма, денес никаде ги нема зошто сакаат да заборавите што ветувале, зошто буквално ништо и не исполниле. Ти Дарко да реализираш тоа што си го ветил, па дури и пред време, да реализираш и повеќе од што си ветил.
  9. Ова не се избори за тоа кој поубави спотови или билборди ќе направи, туку тој кој ќе понуди реални решенија, колку повеќе улици и булевари ќе направи, колку проблеми ќе реши затвори. Дарко не се фокусирај како власта на гол пиар туку суштинска работа. Нив ги има во последните 4 месеци, тебе нека те има меѓу народот следните 4 години.
  10. И на крај не заборавај ова е битка на нашата генерација. Доаѓаат промените кои ќе го означат крајот на транзициската генерација која ја влече земјата назад. Ова се нови луѓе кои искрено ја сакаат својата родена земја, ја почитуваат нашата Македонија. Ново време за нови големи работи за секој еден човек.

Поврзани содржини