МИЦКОСКИ СИ КУПИ ПОРТОКАЛИ Уште во првите 100 дена ќе ги решиме проблемите на пазарџиите (ФОТО)
Мораме да покажеме еден поинаков карактер, едни поинакви вредности од сето она кое што денеска беше слика за еден политичар во ова наша сиромашна и напатена Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната посета на Зелен пазар во Центар.
Денеска, на Зелен пазар, можевме заедно со професорката Наташа Котлар, односно со идниот градоначалник на Општина Центар да поразговараме со луѓето коишто се борат на дневна основа да обезбедат егзистенција за нив, за нивните семејства, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Од тоа што можев да го слушнам е нормално сето она што денеска го живееме во ова нашето тешко секојдневие, беспарица голема, лош стандард, цени високи. Тие имаат и поинаков проблем, до пристапот до пазарчето наметнати паркинзи, наметнати огради и бариери за да не можат луѓето да доаѓаат да пазаруваат нормално. И сето тоа создава проблем не само за нив, туку и за граѓаните во овој регион. Она кое што ние можеме да го кажеме е дека сето тоа коешто претставува проблем за луѓето, за пазарџиите, за луѓето коишто пазаруваат тука од овие пазарџии е дека ќе сториме сè што е во наша моќ, уште во првите 100 дена сите оние проблеми со коишто тие се соочуваат и коишто денеска тие ни ги кажаа да ги решиме. Да покажеме дека можело поинаку, дека може да се работи за интересот на граѓаните, бидејќи ние како ВМРО-ДПМНЕ сме народна партија и нашата коалиција за „Обнова на Македонија“ е коалиција на народот пред сè и тоа го зборував за време на оваа кампања на локалните избори дека е ова историски најголемата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата за „Обнова на Македонија“ заедно со народот – рече Мицкоски.
Така и ќе продолжиме и во првите 100 дена, додаде тој.
– Да видат дека не се политичарите луѓе коишто гледаат само за свој личен интерес, луѓе коишто уживаат во привилегиите од политиката, туку и дека политичарите, оваа нова генерација политичари се луѓе на народот и заедно со народот ќе функционираат. Мораме да покажеме една поинаква реалност. Мораме да покажеме еден поинаков карактер, едни поинакви вредности од сето она кое што денеска беше слика за еден политичар во ова наша сиромашна и напатена Македонија. Ние се обврзавме за тоа, и професорката Наташа Котлар е силно мотивирана, жена која што успеала во својот живот, сака да успее заедно со центарци, да направиме една поубава и подостоинствена средина со центарци, со скопјани, но и со граѓаните на Македонија – истакна Мицкоски.