Мицкоски, Села и Гаши прво на седенка, па на предизборна игранка?
И од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата АА-А потврдуваат дека во пресрет на изборите очекувано е да има лидерска средба на која во зависност од понудите ќе се знае дали ќе има договор за предизборна коалиција.
На средбата меѓу лидерите на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши, ќе се носи одлуката дали првпат македонско-албанскиот опозициски блок ќе настапи во предизборна коалиција на локалните избори во октомври.
Пораки за заеднички настап на изборите веќе отворено се испраќаат од функционери на партиите, сепак, таква одлука ќе падне само ако се усогласат програмите и понудените кандидати, за што, пак, треба виза од лидерите и партиските тела. Дали комбинираниот настап, односно коалиција уште во првиот изборен круг во некои општини помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса и Алтернатива ќе биде понудата на маса ќе се знае по лидерската средба која и од двете страни велат дека е очекувано да се случи.
И од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата АА-А потврдуваат дека во пресрет на изборите очекувано е да има лидерска средба на која во зависност од понудите ќе се знае дали ќе има договор за предизборна коалиција.
Очекувањата за можен заеднички настап вчера ги подигна генералниот секретар на Алијанса за Албанците и гостиварски градоначалник Арбен Таравари. Тој не исклучи можност за соработка не само со ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија туку и со владејачката СДСМ.
– Апсолутно ќе имаме коалиции. На локални избори победуваат оние кои имаат најмногу коалиции со разни партии. Ќе видиме по структурата на население во општините, така и ќе постапуваме. Најверојатно во Гостивар ќе се обидеме да направиме коалиција и со македонска партија, со две-три кои функционираат, со турски партии, ромски партии. Ќе се обидеме да соработуваме со сите партии, бидејќи овде не се гласа за партија, туку за личност – изјави Таравари и потврди дека тој има големи шанси пак да биде кандидат за градоначалник на Гостивар.
Но, Таравари не прецизира дали соработката ќе биде уште во првиот изборен круг.
Од коалицијата АА-А за Плусинфо велат дека засега нема промена на ставот дека коалицијата сама ќе оди на локалните избори и дека во вториот круг во зависност од резултатите ќе соработува со други партии. Сè уште е на сила и ставот дека ја повикуваат ДУИ на изборите да оди самостојно за да се види која партија го има легитимитетот кај албанското гласачко тело.
И од Алијанса и од Алтернатива велат дека речиси се убедени оти во првиот изборен круг коалицијата ќе настапи самостојно, додека за вториот круг ќе се бара соработка со партиите од македонскиот политички блок. Таква соработка би следела за Скопје, Чаир, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар.
Од Алијанса велат дека очекувано е да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи речиси извесно е дека СДСМ и ДУИ повторно ќе одат во предизборна коалиција.
– Не очекуваме СДСМ да оди со нас против ДУИ. Но, во вториот круг од изборите секаде каде има мешано етничко население ќе разговараме со ВМРО-ДПМНЕ и помалите партии за заемна поддршка – велат од Алијанса за Албанците.
И од Алтернатива се убедени дека коалицијата во првиот изборен круг ќе настапи самостојно. Од коалицијата потврдуваат дека е можна средба на лидерите Мицкоски, Села и Гаши на која во зависност од понудите би можело да дојде до промена на одлуката која е на сила и на изборите да одат во предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека засега во игра се три опции – самостоен настап со коалицијата, комбиниран модел, односно во некои општини да се оди во предизборна коалиција со АА-А уште во првиот круг, а во некои во вториот круг и соработка со АА-А само во вториот изборен круг. Оттаму велат дека најизгледна опција е комбинираниот модел.
Плусинфо веќе објави дека е можна соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и АА-А уште во првиот изборен круг, откако СДСМ и ДУИ ја најавија можноста за повторен заеднички настап на локалните избори.