Мицкоски: Се обидов да внесам ведрина во чудната атмосфера во судницата (ВИДЕО)
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за протестите на „За заедничка Македонија“ кои се одржуваа пред нападот во Собранието, рече дека народот се самоорганизирал против погрешните политики во најава.
Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за првпат се појавувам во судница како сведок, а не сум бил во својство на обвинет, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по сведочењето во случајот „27 април“.
Тој во судница запрашан дали можеби е скаран со обвинетите, шеговито одговори „ваљда не сум“.
– Чудна атмосфера, многу сериозна, па се обидов да внесам малку ведрина. Инаку да, тоа се сè мои пријатели и не сум со никого замерен, ниту пак имало зошто да бидам – рече Мицкоски.
Во врска со протестите на „За заедничка Македонија“ кои се одржуваа пред нападот во Собранието, Мицкоски рече дека народот се самоорганизирал против погрешните политики во најава.
-Тоа што го кажав во судот е дека народот тој ден, туку и неделите претходно, се самоорганизираа. Бројката варираше и до неколку илјади во други денови. На дел од тие протести може бев и јас, затоа што протестиравме против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата. Сметам дека тоа е начин на граѓаните да изразат револт против одредени политички девијантни однесувања на определени политички партии и структури, во тој случај беше СДСМ. Дел од тој народ кој се самоорганизираше бев јас, тогаш кога времето ми дозволуваше да давам поддршка на тие протести – рече Мицкоски.
Во случајот обвинети се поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.