„МИЦКОСКИ ПОВТОРНО ГО НАПРАВИ БИЛАТЕРАЛЕН ПРОБЛЕМОТ СО БУГАРИЈА“ Раздвојувањето на Албанија од Македонија е тежок пораз за Владата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Филипче
Филипче вели дека најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.
Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред сѐ, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес конференција откако беше објавена веста дека Албанија се издвојува од пакетот со Македонија и сама ги продолжува преговорите со ЕУ.
– ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? – праша тој.
Филипче додава дека најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.
– Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од билатерален спор да го донесеме во рамки на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати сѐ наназад, односно да се отвори повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка на неговата пропаганда – рече Филипче.
Тој, како што рече, и понатаму е убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме, туку ќе добиеме.
– Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство – додаде тој.
Сега, според него, Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжи напред.
– За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија. За прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Оваа Влада е Влада без чувство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвораат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели – рече Филипче.