МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА 59 ГРАДОНАЧАЛНИЦИ Од Лозово повика на масовна излезност во вториот круг

Во првиот круг освоивме 33 општини, двајца противкандидати на нашите кандидати за градоначалници веќе се откажаа, што значи 35 и од 24 очекувам, сите 24 да бидат градоначалници, рече Мицкоски.

364

Кандидатот и актуелен градоначалник на Лозово, Бошко Цветковски, е трудољубив млад човек, прекрасна личност и голем Македонец, човек којшто го сака своето родно место и човек кој се бори за проект повеќе за Лозово и за неговите жители, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан во општина Лозово.

– Затоа, сакам јасно да ставам до знаење дека ја има мојата лична, недвосмислена поддршка и исто така ја има поддршката на владата со која заедно со општина Лозово ќе направиме многу проекти овде. Јас сум убеден дека Бошко не само што е добар и успешен градоначалник, туку сигурен сум дека ќе биде добар и уште поуспешен градоначалник во следните четири години – посочи Мицкоски.






Тој истакна дека на овие избори граѓаните јасно кажале која политичка партија е таа што е нивен избор во Македонија.

– На овие избори во 59 општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата или веќе освои градоначалник, или убедливо води и во шест општини е многу блиску до првото место, односно е второпласирана. Во првиот круг освоивме 33 општини и веќе имаат градоначалници од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, двајца противкандидати на нашите кандидати за градоначалници веќе се откажаа, што значи 35 и од 24 очекувам, сите 24 да бидат градоначалници. Ние ниту еден човек нема да оставиме, за секое место, за секоја општина ќе се бориме, затоа што знаеме дека нашите противкандидати не нудат иднина, туку нудат враќање назад во она тешко минато, минато кога се ограбуваше и национално се понижуваше нашата Македонија. Така што, на крајот на овие избори очекувам ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата да имаат 59 градоначалници – рече Мицкоски.

Тој додаде дека волјата и недвосмислената поддршка на народот се потврди со тоа што во 58 општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата победија на советничките листи и во најголемиот дел од тие општини. Имаме, кажа Мицкоски, веќе убедливо мнозинство во советите.

Мицкоски зборуваше и за тоа дека на овие избори имаме две опции, едната е масовно да се поддржи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Втората опција е опцијата која е, практично, коалиција којашто беше влада до пред година и половина, а претходно седум години ја ограбуваше Македонија, ја распродаваше и понижуваше Македонија и ги ограбуваше граѓаните. И таа опција ја нема поддршката на владата. Сакам многу јасно да ставам до знаење дека таа опција ја нема поддршката на владата и не случајно тоа го кажувам тука, затоа што овде резултатот на локалните избори, за жал беше со поддршка за кандидатот за градоначалник којшто доаѓа од таа коалиција на СДСМ и ДУИ која седум години ја ограбуваше и национално понижуваше Македонија. Таа опција ја нема нашата поддршка и ве молам да не паѓаме на лагите на тој кандидат. Тој кандидат доаѓа овде за избори и кога ќе биде поразен повторно ќе го нема и ќе се појави за следните избори. Да гласаме за човек којшто цело време е овде со вас во Лозово – повика Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник на општина Лозово посочи дека сѐ што е ветено досега е реализирано во повеќе области, како во образованието, така и во инфраструктурата.

-Ветувам дека нема да застанам, ќе продолжам со иста енергија, со иста решителност и со уште поголема љубов кон нашето Лозово. Јас реализирам и тоа е суштината на сѐ што нѐ разликува, затоа да бидеме искрени разликата помеѓу нас и нив е јасна како ден, тие зборуваат јас работам, тие ветуваат јас исполнувам, додека тие ја гледаат општина како плен, јас ја гледам како дом, дом за сите нас, додека тие мислат на лична корист, јас мислам на заедничка иднина – рече Цветковски.

 

Поврзани содржини