Мицкоски: Немам намера да поднесам оставка и да правам компромиси со криминалци во скутот на Заев
Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за да ВМРО-ДПМНЕ и народот победи. Тие не зборат за криминалот на власта, ама се со полна уста за опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Тој пакт на криминалот и политиката кој е мафија во државата ќе биде поразен, порача Мицкоски.
Јас немам намера да поднесам оставка, и се додека сум жив ќе се борам против оние мрачни сили кои му служат на Зоран Заев и нема да правам компромиси со криминалци и со сите оние кои седат во скутот на Заев и кои наместо да бараат промена на оваа криминална влада, бараат оставка од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски на прес конференција.
– Бараат вонреден конгрес, а немаат поднесено такво барање до архивата на партијата. А, сега и за суштината. За сите оние кои прават криминал, кои одработуваат за милост и кои поради тој криминал потклекнале и се во скутот на Заев, треба да знаат сега и во иднина, нема да правaм компромиси со криминалот, нема да дозволам да се прогледа низ прсти поради сите нивни грешки и нема да премолчиме богатење на грбот на народот. Сите оние кои станаа најдобри другари на Заев не е тоа затоа што се силни, туку затоа што се екстремно слаби. Сигурно сте се запрашале зошто нема завршница за познатите случаи за кои Заев како опозиција велеше дека се криминал, одговорот на тоа се добива овие денови кога гледаме како неколкумина појаничарени слуги одработуваат надевајќи се на неговата милост и својата слобода – додаде Мицкоски.
Тој обвини дека станува збор за мрачни сили кои ја уништија партијата и кои се богатеа благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и наместо да се борат за партијата, гледаат како да се спасат себе си и за да си го зашитат својот криминал.
– Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за да ВМРО-ДПМНЕ и народот победи. Тие не зборат за криминалот на власта, ама се со полна уста за опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Тој пакт на криминалот и политиката кој е мафија во државата ќе биде поразен. Таа мафија, тој политички брак на власта и дел од тоа политичко криминално подземје кое се нуди за опозиција на опозицијата за да ја спаси власта, кое направи милиони за себе, со чиновничка плата, ќе биде поразено. Хотелската коалиција или Зоран Заев не може да се иднината на Македонија. Или тие, или Македонија! ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на народот, и на Македонија и нема да биде заробено од оние чиј капитал го направија на тие свети букви – рече Мицкоски.
Македонија, додаде тој, има јасна закана, и јасна цел, да ја собориме најпрво владата и мафијата која ја оддржува таа влада а потоа да си ја обновиме државата.
– Би било кукавички јас сега да заминам, ќе се борам против оваа антиреформска влада на Зоран Заев.Ова е почеток на крајот на СДСМ. Ова власт ќе паѓа на рати, нема да го дочека крајот на мандатот. Немам намера да си поднесам оставка за да му помогнам на Заев – вели Мицкоски.
Тој испрати и некоку пораки до членството.
– Сакам и да се обратам на членовите на партијата. Не затекнавме партија од 450 илјади гласови, туку поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок беше и се уште е замрзнат, незаконски ќе потсетам. Со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода. И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде. Зло како оваа влада не се руши одеднаш туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ. Ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина.