МИЦКОСКИ НАЈАВУВА МЕРКИ ПРОТИВ СКАПОТИЈАТА Анализата за инфлацијата е при крај, наскоро мерки за цените на храната

Премиерот Мицкоски најави дека Владата наскоро ќе понуди решенија за растот на цените, а анализата за инфлацијата влегува во завршна фаза.

839

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата е на чекор до усвојување конкретни мерки за справување со растот на цените на прехранбените производи, откако ќе заврши анализата за базичната инфлација.

Во изјава дадена денеска пред медиумите, Мицкоски појасни дека анализата е во завршна фаза, а веднаш по нејзиното финализирање, Владата ќе излезе со пакет мерки со цел да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните.






– Мерки во моментот нема бидејќи сè уште трае анализата. Но во моментот кога ќе биде завршена, ќе има и конкретни чекори. Мислам дека сме многу блиску до тој момент. Ќе излеземе со мерки затоа што веќе имаме индикатори зошто се случува ова ценовно движење – рече Мицкоски.

Премиерот истакна и дека се очекува оваа тема да биде разгледана и на седницата на Економско-социјалниот совет, кој треба да заседава откако е завршена постапката за утврдување на репрезентативноста.

Во однос на изјавата на министерот за економија Бесар Дурмиши од минатата недела, кој кажа дека „нема да има нови мерки“, Мицкоски вели дека веројатно станало збор за недоразбирање, бидејќи анализата сè уште е во тек.

– Можеби е погрешно сфатена неговата изјава. Не се работи за одбивање на мерки, туку за тоа што тие ќе бидат дефинирани откако ќе заврши анализата – додаде премиерот.

Мицкоски напомена дека трендот на инфлација не е исклучок само за Македонија, туку и за многу европски држави, каде исто така таа надминува 5 проценти.

Поврзани содржини