МИЦКОСКИ НАЈАВИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА ПО ИЗБОРИТЕ Ќе има промени и во ВМРО-ДПМНЕ
Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот отчет на градоначалниците.
Ние ќе се менуваме и надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните. Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан, по повод отчет за четиригодишната работа на градоначалниците.
Тој најави дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата.
– И затоа веднаш после изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш и треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време, на градење на заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква генерации и генерации млади чекаа – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека бројките од макроекономијата говорат дека државата е на патот на градење на промените кои ќе донесат подобра иднина, при што покажуваат зголемен извоз, зголемен БДП, раст и развој на економијата и стопанството.
– Дека сме на тој пат говорат и бројките од макроекономијата кои велат дека имаме зголемен извоз, зголемен БДП, раздвижена економија, рaст на стопанството и економијата, и времето на реално чувствување на овие резултати кај реалниот човек сигурно ќе дојде. Не сум човек кој ќе ги гледа работите од дистанца, и затоа промените во владата ќе значат уште посилно темпо и уште поголеми заеднички успеси, кои ќе оделотворат дека сме на правиот пат и граѓаните го направиле вистинскиот избор – рече Мицкоски.