Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со случајот од 27-ми април и насилството во Собранието денеска изјави дека Македонија е единствена земја со толку „терористи“ по затворите и огромен број драконски казни, а дека нивните побарувања се во насока на безусловна правда за секој еден граѓанин и ништо повеќе од тоа. По велигденеските празници Мицкоски најави дека ќе и соопшти на јавноста за идните делувања на партијата, но и за нови протести.
ВМРО-ДПМНЕ ја подржува борбата за правда, не поддржува насилства, но во Македонија постои судска пракса дел од случаите во кои има основано сомневање дека биле политички инструирани, започнуваат во повторно судење и од почеток за да се аргументираат позициите на двете страни, од едната страна на обвинителството од другата страна на лицата којшто се обвинети, тоа е она за коешто залага партијата, рече Мицкоски.
Според него, ако се набљудува случајот со обвинетите за тероризам, Македонија е можеби единствената земја во светот со толку „терористи“ во затвор.
Судијата кој ги изрече овие драконски казни е судија кој како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија, а нормално од другата страна инспираторот и нарачателот доколку биде задоволен таа ќе биде промовирана во уставен судија што и се случи, очигледно дека тој беше задоволен, а таа стана уставен судија. Она што ние го бараме е само правда ништо повеќе и безусловна борба против криминалот, корупцијата и неправдата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со најавите за нови протести Мицкоски истакна дека по празниците ќе може да се зборува за идните делувања на партијата.
– Сега треба да има мир и спокој во домовите на сите граѓани којшто се дел од православната христијанска вероисповед и муслиманската вероисповед се разбира, да не зборуваме за насилства, туку да зборуваме за помирување и за подобра заедничка иднина, а чекорите после овие два големи верски празници, опозицијата ќе ги презентира пред македонските граѓани, инаку протестот е еден од алатките којшто ги има опозицијата на располагање, против овие погрешни криминогени политики на оваа анационална власт во Македонија – рече Мицкоски.
Коментирајќи ги состојбите во Собранието откако вчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не можеа да зборуваат на седницата за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека после сите скандали доблесно би било министерот да си поднесе оставка на функцијата.
За Џафери кажа дека „не треба да си поигрува со оган, бидејќи најчесто поради тие игри страдаат граѓаните, а исто така Џафери не треба да поигрува со граѓаните „поради тоа што неговото минато е контроверзно и нема легитимитет да го прави тоа“.