МИЦКОСКИ ГО ПРОЗВА ЈО ДА ГО ПОВИКА АХМЕТИ НА РАСПИТ, ЗА ДА КАЖЕ КАДЕ Е ГРУБИ Обвинителството не е од тука – одговори дека тоа било должност на полицијата
Се надевам дека ова допира до Обвинителството, има правна процедура, ако има личност што знае каде е бегалец од законот треба да го повика за да даде одговор каде се наоѓа бегалецот, рече денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со изјавата на Али Ахмети дека Артан Груби е во Албанија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Јавното обвинителство да го повика Али Ахмети на распит, откако лидерот на ДУИ за косовските медиуми изјави дека Артан Груби е во Албанија.
– Се надевам дека ова допира до Обвинителството. Има правна процедура, ако има личност што знае каде е бегалец од законот ќе го повика за да даде одговор каде се наоѓа бегалецот од правдата. Можам само да дадам еден коментар – на секој во Македонија му е јасно како се поставуваа обвинителите и судиите во изминативе 7 години. Обвинителите и судиите не можеа да бидат избрани, не можеа ниту да бидат квалификувани во Академијата за судии и обвинители, и сега истите тие кои ги поставуваа, велат дека некому правдата му била оневозможена и дека ова е политички прогон – рече премиерот Мицкоски.
Тој посети дека поранешниот вицепремиер Груби е на т.н. црна листа на САД и се поврзува со големи коруптивни и криминални скандали.
– Се надевам дека нема да го обвинат и Стејт департментот дека прави политички прогон. Најлесен начин е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата – рече Мицкоски.
Од Јавното обвинителство експресно одговорија дека полицијата е должна да го повика Ахмети, согласно со наредбата од меѓународната потерница по бегалецот.
„Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот“, одговори Обвинителството.