МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА НА ОБЕДИНУВАЊЕ НЕЗАДОВОЛНИТЕ ЧЛЕНОВИ ОД СДСМ Застанете позади чесниот народ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати порака до, како што рече, чесните членови во СДСМ да не ги следат погубните политики на актуелното раководство на СДСМ и да не бидат измеќари на ДУИ, туку да застанат позади чесниот народ. бидејќи е потребно обединување за да се поразат овие антинационални политики.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш јавно го повика премиерот Димитар Ковачевски да договорат датум за претседателските и парламентарните избори и повика на обединување.
– Нема датум за избори затоа што во владините партнери има некоја чудна мачо тактика, а од друга страна молат Бога никогаш да не се случат тие избори, бидејќи карактерно се кукавици. Во суштина се плашат да излезат на избори и прават калкулации ако оделе на раздвоени избори – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Лозово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Мицкоски упати и порака до, како што рече, чесните членови во СДСМ да не ги следат погубните политики на актуелното раководство на СДСМ и да не бидат измеќари на ДУИ, туку да застанат позади чесниот народ. бидејќи е потребно обединување за да се поразат овие антинационални политики.
– Затоа јас упатувам порака кон сите чесни членови на СДСМ и до раководството коешто не се согласува со политиките на овие малкумина коишто моментално се раководство на СДСМ, да не бидат измеќари на ДУИ, да не бидат измеќари на политиките на неколкумина во ДУИ. Ја слушнавте вчера изјавата на Талат Џафери која е целта. Талат Џафери диригира, а Ковачевски, Зечевиќ, Спасовски и Пендаровски играат. Како што тој диригира, тие така играат. Затоа ги повикувам сите членови на СДСМ, има место за сите, напуштете ги овие луѓе, ве водат во бездна, а со нив ја водат и Македонија во бездна. Тие имаат мотив, дел од нив финансиски, дел од нив кариера. Немојте да застанете во исти ред со овие луѓе. Ќе бидете запаметени како луѓето коишто направиле се да ја втурнат Македонија во бездна. Застанете позади чесниот народ, застанете до нас. Има место за сите. Нас ни треба обединување и ни треба еднаш засекогаш да ги поразиме овие антинационални и овие антинародни политики во Македонија – истакна Христијан Мицкоски.