МИЦКОСКИ ГИ ОТКРИ СВОИТЕ АДУТИ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИTE ИЗБОРИ Еве кои ќе бидат носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата
Одлуката кој ќе биде носител на листата за Изборна единица 5 ќе биде донесена во текот на денот, најави Мицкоски.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во Изборната единица 1 на претстојните парламентарни избори.
За Изборна единица 2 носител на листата ќе биде Владо Мисајловски.
Во Изборната единица три носител ќе биде сегашниот пратеник Драган Ковачки.
Во Изборната единица 4 носител ќе биде потпретседателот на партијата и пратеник Александар Николовски.
Во Изборната единица 6 носител ќе биде сегашната пратеничка Дафина Стојановска.
Одлуката кој ќе биде носител на листата за Изборна единица 5 ќе биде донесена во текот на денот, најави Мицкоски.
Мицкоски очекува набрзо да се финализираат листите за пратеници за изборите на 8 мај.
– Според планот на активностите некаде 31 март е предвиден ден за промоција на листите за пратеници. 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор, така што во рамките на овие две-три недели ќе биде се познато – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, ја финализира изборната програма и денеска ќе се одржи завршниот состанок со групата која ја изработува. Имајќи предвид дека официјално кампањата за парламентарните избори започнува на 18 април, тој очекува до крајот на месецот да има и нејзина официјална промоција.
-Многу сме внимателни кога ја креираме, многу сме конзервативни. Не ветуваме премногу, не ветуваме чуда, но тоа што е ветено стоиме позади тоа и врз основа на тоа ќе ја градиме нашата политика. Дури и споменуваме дека после две години истата таа програма ќе биде ревидирана и надградена откако реално ќе ги видиме ресурсите со коишто располагаме, бидејќи она што го имаме како информација што ќе го наследиме од оваа криминална влада на СДСМ и ДУИ е навистина алармантна, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека за време на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што се гледа, ќе биде насочена на нудење решенија. Политики што, посочува тој, практично ќе ги решаваат напластените проблеми на граѓаните.
-Немаме намера да водиме црна кампања. Гледам дека црната кампања на СДСМ и тие коишто орбитрираат околу СДСМ не е насочена ниту кон ВМРО-ДПМНЕ, или кој било, туку директно кон мене. Јас ќе им порачам само нека продолжат нека се занимаваат со Христијан Мицкоски, ние ќе продолжиме да нудиме на граѓаните она кое што за нив е потребно, а тоа се решенија коишто значат иднина, решенија коишто ќе даваат одговор на проблемите со коишто граѓаните се соочуваат на дневна основа, пред се тука мислам проблемите во рамките на администрацијата, стандардот, слабата економска состојба, борбата со криминалот и корупцијата, владеењето на правото, проблемите со коишто се соочуваат пензионерите, земјоделците, младите, образованието, здравството итн. Ние ќе решаваме проблеми, а тие нека продолжат со црната кампања која што е насочена кон мене. Тоа само дополнително не мотивира – изјави Мицкоски на настан во скопската општина Аеродром.