Мицкоски: Една од првите точки на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ГА-МА

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повика раководството на „Макпетрл“„ да ги докаже наводите дека сакал да се меша во уредувачката политика на ТВ Телма.

1,974

Ви ветувам дека една од првите точки кои ќе ги разгледа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде штетниот договор за ГА-МА, за кој владата на Макпетрол му исплати 33 милиони евра, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Според него, станува збор за штетен договор и затоа, рече тој, ќе има одговорност.






„Власта на СДСМ и Зоран Заев го изгласа штетниот и по многу гледишта криминален закон за Макпетрол со кој од народната каса директно на контото на оваа компанија ќе се префрлат дури 33 милиони евра. И она со што од овој ден па се до крајот на животите ќе треба да живеат е сознанието дека 80 илјади луѓе настрадаа од корона, поминаа низ вистински пекол и се бореа за своите животи, затоа што Владата инвестираше 33 милиони евра во Макпетрол, а не во градба на систем со кој ќе го спречеше ширењето на заразата. Штетниците од власта треба да живеат со сознанието дека наместо 33 милиони евра во Макпетрол, можеа да дадат пари на 55 илјади граѓани, онолку колку што работни места се загубија во времето на кризата, родители, мајки и татковци кои своите деца ќе ги остават без насмевка и пакетче за оваа нова година. За жал овие деца поради овие 33 милиони евра на Заев ќе останат без право на новогодишна желба“, напиша Мицкоски.

Тој во постот се обраќа и кон раководството на „Макпетрол“ кое го повикува да ги докаже наводите дека сакал да се меша во уредувачката политика на ТВ Телма.

„И бидејќи гледам дека раководството на Макпетрол ме споменува, ќе им испратам и ним порака, исто како и на луѓето од власта, никогаш не ми била целта да влијаам или да ја диригирам уредувачката политика на Телма Телевизија како што тврдат во своето соопштение, тоа го оставам на Заев. А ако имаат доказ за овие нивни тврдења јавно ги повикувам да ги објават, во спротивно стануваат телевизија на лажни вести и цензори на вистината“, напиша Мицкоски на фејсбук.

Претходно, од Макпетрол соопштија дека државата купила функционален гасовод по реална цена и истовремено го обвинија Мицкоски се обидувал да влијае врз уредувачката политика на Телма.

„Јавноста во државата треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон „Макпетрол“, ТВ ТЕЛМА и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на ТВ ТЕЛМА.ТВ ТЕЛМА отсекогаш била неутрален и објективен медиум, таков ќе остане и во иднина, и никогаш нема да служи за остварување на ничии партиски цели и интереси“, напишаа од Макпетрол.

Поврзани содржини