МИЦКОСКИ БАРА ЗАЕВ ДА НЕ ПОТПИШУВА НИШТО Тоа што Заев го направи со Бугарија ниту Љубчо и Цар Борис не успеаја
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не е храброст да потпишуваш сè што ќе ти стават на маса, туку да ги штитиш интересите на својот народ и земја.
Кога Заев вели дека носел храбри одлуки, сите ние го молиме да не биде храбар, затоа што на Бугарија има направено толку добро колку што Љубчо и цар Борис немаат направено заедно. Не е храброст да потпишуваш сè што ќе ти стават на маса, туку да ги штитиш интересите на својот народ и земја. Храброст е државата без отстапки да ја внесеш државава во Европската Унија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Битола.
Мицкоски потенцираше дека храброст е да се бориш за среќата на својот народ за оваа држава да не се врти во круг 30 години во затворен круг, но и да не се дозволи омаловажувања на народот.
– Храброст е да се бориш за стандард, повеќе пари за народот, повеќе услови за здравство, подобро образование. Храброст е да не се вртиме во круг цели 30 години. Храброст е да се бориш против криминалците, без оглед каде се, од каде се и со кого се. Храброст е да поставиш мерка за работите што се важни, јасно да ставиш до знаење до каде можат да одат барањата на тие кои сакаат да нè омаловажат – рече Мицкоски.
Тој додаде дека генерации поминаа во исчекување за некакви промени, некакво подобро утре, а секоја надеж завршуваше со разочарување, секоја нова искра завршуваше со нов ќорсокак.
– 30 години видовме баш сè. Ние бевме генерација која сонуваше за отворена Европа, за Рим, за Париз, за Лондон на дланка. А добивме нови ѕидови, нови разочарувања. Младоста ни помина во конфликти, превирања, ограбени фирми, луѓе што остануваа без работа – рече Мицкоски.
—