Мицевски: Веќе три месеци имаме нефункционално Собрание

Партиската коалиција помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, поради нивната неусогласеност сè уште го оставаат Собранието без состави на клучни органи во неговото функционирање, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

451

Поминаа веќе три месеци откако Собранието на Република Македонија започна со работа, а сеуште се соочуваме со негова нефункционалност во повеќе сегменти, рече Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

– Партиската коалиција помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, поради нивната неусогласеност сè уште го оставаат Собранието без состави на клучни органи во неговото функционирање. Собранието на Република Македонија сè уште нема избрани потпретседатели на Претседателот на Собранието кои би биле замена доколку Талат Џафери не е во можност да присуствува на собраниска седница. Исто така од изборот на потпретседатели зависи и формирањето на Буџетскиот совет на Собранието кој е клучен за финансиското работење на законодавниот дом. Не е формиран ниту Националниот совет за европски интеграции кој што е пандан на Комисијата за европски прашања и којшто е потребно итно да биде формиран посебно во период кога Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ како и Делегација во Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ. Не се формирани ниту Билатералните групи за соработка со 50 парламенти во светот преку кои што пратениците остваруваат комуникација и соработка со амбасадори и парламенти. Три месеци веќе нема состав ниту на Делегацијата на Парламентарнито Собрание на советот на Европа, Делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ, не функционира ниту Делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО , Делегацијата на Парламентарното собрание на Медитеран, потоа Делегација на Парламентарната димензија на Централно- европската иницијатива како и Делегацијата на Интерпаламентарната унија и Делегацијата на Парламентарното собрание на Парламентарната соработка со Југоисточна Европа – рече Мицевски.






Без овие делегации, додаде тој, билатерални групи и национални совети, Собранието на Република Македонија не им го обезбедува правото на пратениците да остваруваат меѓународни контакти и соработки со земјите од Европа и остатокот од парламентите во светот.

– Со коалициското несогласување помеѓу СДСМ, БЕСА и ДУИ, власта ја кочи редовната работа и процесите во Собранието и преку ова Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров не даваат можност пратениците да ги остваруваат своите права и обврски кои им произлегуваат од мандатот даден од граѓаните на Република Македонија – рече Мицевски.

Поврзани содржини