Мене Скопје ми е убаво и вакво какво што е

Во првите 72 часа од мојот мандат, јас би направил што повеќе жители на овој град да го сакаат. Не да го засакаат, туку веднаш да почнат да го сакаат. Ако веќе живеат тука - јадат, пијат, прдат, се сексаат, фрлаат ѓубре, возат автомобили, свират, пцујат - редно и научат да го сакаат Скопје. Безусловно. Би вовел приемен испит по љубов кон Скопје. Сè друго е помалку важно...

1,310

Денеска решив малку бесцелно да талкам низ Скопјево. Седнав во мојот болид и возев по вообичаените рути. Без задача да пазарам нешто, без обврска да се сретнам со некого, без конкретна идеја како да го „отепам” денот…

Свратив на Матка. Чепкавме нешто со комшијата по дворот. Испив едно кафе и после гледав како се борат сонцето и облаците. Како во втор изборен круг. И тоа беше сè.






Попатно го затекнав градот како и вчера. Малку потивок претпладнето (сабота е), троа подзачистен, ама сè уште валкан. Ме пречекаа и билбордите на сите кандидати за градски татковци и мајки – и оние што победија и оние што изгубија – и после ми текна на сите идеи и ветувања што ги слушнавме, за тоа како луѓето од билбордите од Скопјево ќе направат подобар и поубав град.

Се насмеав во себе, онака кисело…

И се прашав, колку гласови би добил јас, на пример, кога би се натпреварувал и кога во кампањата на моите сограѓани би им рекол – дами и господо, другарки и другари, мене Скопје ми е убаво.

Може да биде подобро место за живеење. Тоа да.

Може да биде почисто. Веројатно и ќе биде.

Може да се изградат и нови булевари и улици.

И многу, многу паркови.

И триста други чуда можат да се случат …

Сакам да кажам, можеби навистина Скопје може да биде поубаво. Не спорам. Само, мене и ова Скопје ми е убаво.

Поубаво ми е од кој било друг град што сум го посетил. И од кој било друг град што допрва ќе го потсетам…

Од Париз, на пример.

Ете, во Париз сум бил два пати. Сум ги посетил и Ајфеловата кула, музејот Лувр, Монмартр, сум го гледал градот на светлината од покривот на кулата на Монпарнас… Првиот пат бев воодушевен. И вториот пат ми беше убаво, гледајќи ги луѓето кои се воодушевуваат. Ама јас веќе немав на што да се воодушевувам. Ако дојде ред по трет пат да го посетам Париз, ни јас ќе ги видам Ајфеловата кула и Лувр, а ни тие мене…

И ако треба да избирам во кој град би сакал да живеам до крајот на животот – Скопје или Париз – без размислување го избирам мојот град. Да, сосе ѓубрево во контејнерите, сосе “хаосот” и “бетонизацијата”, со сите негови маани.

Зашто јас Скопје си го сакам и вакво.

Го сакам бе секакво.

Безусловно го сакам.

А што би променил јас, да сум случајно градоначалник на Скопје?

Што е првата работа што би ја сторил за мојот град?

Пааа… Во првите 72 часа од мојот мандат би направил што повеќе жители на овој град да го сакаат. Не да го засакаат, туку веднаш да почнат да го сакаат. Ако веќе живеат тука – јадат, пијат, прдат, се сексаат, фрлаат ѓубре, возат автомобили, свират, пцујат – редно и научат да го сакаат Скопје. Безусловно. И без одлагање.

Би вовел приемен испит по љубов кон Скопје. Молим лепо.

А сите што го хејтаат моето Скопје, би ги замолил да си најдат поубав град за живеење. Да живееш во град што постојано го хејташ и на кој постојано му наоѓаш маани, е исто како да живееш со жена или со маж што ги мразиш и не ги поднесуваш. Каква смисла има тоа?

Е сега… Знам дека тоа што јас би сакал да го сторам во првите 72 часа е невозможна мисија. И дека никој не би гласал за мене кога би ветил такво нешто. И кога би испечатил една програма во која би ги набројал сите нешта поради кои овој град мене ми е убав и не би го менувал за кој било друг град во светот.

Тоа би било антипрограма. Би ме сметале за улав. Што можеби и не би било далеку од вистината. Како што Скопје го сметаат за ужасен град. Што исто така може да биде и вистина.

Арно ама…

Јас упорно тврдам дека на Скопје најмногу му недостасуваат скопјани што го сакаат. И вакво какво што е. Без такви скопјани, Скопје никогаш нема да биде поубаво.

Што мене, да бидам искрен, воопшто и не ме загрижува. Тоа, дали ќе биде или нема да биде поубаво…

Ионака премногу убавина што не ја заслужуваме ни е веќе дадена.

Поврзани содржини