📷 МЕЛАНИЈА СЕ ПРИСЕТИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО ДОНАЛД ТРАМП „Се чувствував како да сум му целиот свет“

Во извадокот од своите мемоари, Меланија Трамп открива дека нејзините саботни вечери ретко вклучувале бучни клубови и ноќни излегувања. Таа отсекогаш внимателно одбирала каде ќе биде и со кого ќе го дели времето. Повеќе ја привлекувале мирните вечери дома, филм со чаша вино или тивка вечера со блиски луѓе. Но таа ноќ направила исклучок. Модна недела, период на гламур, сјај и на ветување на нешто неочекувано. И токму тогаш… нешто што не го планирала ѝ го променило животот.

222

Меланија Трамп привлече големо внимание на социјалните мрежи откако на интернет објави извадок од своите мемоари во кој ја опишува првата средба со Доналд Трамп. Објавата ја проследи со фотографија од страниците на книгата.

Во тој дел, Меланија се присетува на вечерта за време на Њујоршката модна недела во 1998 година, кога наговорена од пријателка отишла во популарниот клуб „Кит Кет“. Иако била уморна и штотуку пристигната од Париз, сепак прифатила да излезе зашто сакала да помине вечер во друштво со пријателите.






„Секогаш внимавам со кого сум“

„Отсекогаш сум била селективна кога станува збор за тоа каде ќе го поминам времето и каде ќе ја насочам својата енергија. Ноќно излегување не беше мојот прв избор за саботна вечер. Повеќе сакав да останам дома, да гледам филм или да одам на вечера со блиски пријатели. Но, сепак прифатив – сепак беше модна недела, време на гламур и на софистицираност“, пишува во извадокот на нејзините мемоари.

Откако стигнала во клубот, атмосферата била жива и сјајна, полна со модели, фотографи, дизајнери и со славни личности. Додека седела во ВИП-просторот со пријатели, некој ѝ мавнал.

Првиот ѝ пришол и ја фасцинирал

„Кога се свртев, забележав маж и атрактивна русокоса како ни приоѓаат. ‘Здраво, јас сум Доналд Трамп,’ рече тој кога стигна до нашата маса. ‘Мило ми е’, одговорив. Го препознав името, знаев дека е бизнисмен или славна личност, но ништо повеќе од тоа“, пишува во нејзините мемоари.

Меланија во мемоарите опишува како Трамп веднаш ја фасцинирал.

„Очите му беа полни со љубопитност и со интерес. Седна до мене и почна да зборува. Ме праша за мојот живот во Њујорк, за родната Словенија и за патувањата низ светот. Тоа беше краток момент на поврзување, кој остави траен впечаток“.

„Се чувствував како да сум центарот на неговиот свет“

Иако бил со друга жена, Меланија пишува дека ја привлекол со својата харизма и насоченост:

„Од самиот почеток на разговорот бев маѓепсана од неговиот шарм и опуштен однос. Иако околу нас имаше многу луѓе, се чувствував како да сум центарот на неговиот свет. Тоа беше освежување во споредба со површните разговори – почувствував силна привлечност кон неговата магнетна енергија“.

Мемоарите со голем успех

Мемоарите на Меланија Трамп, едноставно насловени „Меланија“, беа објавени на 8 октомври 2024 година од американската издавачка куќа „Скајхорс паблишинг“. Книгата веднаш по објавувањето стана бестселер – се искачи на прво место на листите на Амазон и „Њујорк тајмс“, а добро котираше и во другите книжарници како „Барнс енд Нобл“.

Ја прашале дали е со Трамп поради богатството

Неодамна, на интернет се појави интервју со Меланија од 1999 година, кога се појавија шпекулации околу нејзините мотиви за врската со Трамп. Тогаш 28-годишна манекенка, таа беше во врска со 52-годишниот Доналд Трамп.

Во разговорот за Еј-Би-Си њуз, новинарот Дон Далер ја прашал:

– Дали сте со него поради неговото богатство?

Таа одговорила:

– Тие луѓе… тие не ме познаваат.

На забелешката на новинарот, „Не гледаме често манекенка со 53-годишен автомеханичар“, таа возвратила:

– Знаете што, не можете да спиете со убави работи, не можете да ги гушкате или да зборувате со убави работи – со убав стан, авион, автомобили… можете да се чувствувате многу празно. Ако некој вели дека сум со него поради богатството и славата, тој не ме познава.

На прашањето дали се гледа себеси како прва дама, одговорила:

– Да, би била многу традиционална, како Џеки Кенеди. Би го поддржувала и би извршувала многу социјални обврски. Би му била поддршка на мојот маж.

Свадба во 2005 година

По неколку години врска, Доналд Трамп ја побарал за жена во 2004 година, а се венчаа во јануари 2005 година на гламурозна церемонија во Палм Бич, Флорида. Нивниот син, Барон Вилијам Трамп, е роден во март 2006 година и е нивното единствено заедничко дете.

Поврзани содржини