Медиумите опфатени со четвртиот сет економски мерки, можат да аплицираат за плати до 21.770 денари

Премиерот истакна дека со дел од медиумската заедница во која се вклучени и националните концесионери и кабелските оператори разговараат генерално за одредена трајна одржливост на македонските медиуми без разлика дали се национални, регионални, локални, радиостаници или кабелски телевизии.

563

Новинарите, медиумите и медиумските работници се опфатени со четвртиот сет мерки за справување со економските последици од кризата со коронавирусот, истакна премиерот Зоран Заев, додавајќи дека има планови во соработка со експерти од европската делегација во земјава да се направат пакети за финансиска одржливост на медиумите и по завршување на пандемијата.

– Новинарите, медиумите медиумските работници се опфатени со четвртиот сет на мерки, со тоа што сега може да аплицираат и за бруто минимални плати, не само 14.500 туку до 21.770 денари. Во претходните пакети ги ослободивме од обврската за плаќање на лиценците кои ги вадат секоја година, директно преку АЕК помогнавме за одредени права на медиумите и продолжуваме и натаму. Верувам дека во скоро време ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совети и т.н. – рече Заев.






Тој појасни дека со дел од медиумската заедница во која се вклучени и националните концесионери и кабелските оператори разговараат генерално за одредена трајна одржливост на македонските медиуми без разлика дали се национални, регионални, локални, радиостаници или кабелски телевизии.

– Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни даде експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите, а сепак обезбедување нивна дополнителна финансиска одржливост заради тоа што сите заедно заклучивме дека треба да развиваме и такви пакети – рече премиерот.

Поврзани содржини