Меџити форсира да се „легализира“ ОНА, СДСМ со одговор: Тоа не е договорено!
Впечатливо е дека собирот во чест на загинатиот припадник на ОНА, Имри Елези, по подолг период на едно место ја собра цела ДУИ, но не ги смири закараните крила. Ахмети иако седна до Меџити не се поздрави со него.
Никогаш нема да се откажеме од решавање на статусот на загинатите припадници на ОНА, порача потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, на одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на Имри Елези.
Меџити го реафирмира барањето на ДУИ за решавање на статусот на експрипадниците на ОНА, но прашање е дали станува збор за политички маркетинг пред локалните избори, бидејќи статусот на загинатите од УЧК не е дел од договорот помеѓу Зоран Заев и Али Ахмети за формирање на владината коалиција.
Меџити не одговара на телефонските повици и пораки да објасни дали зад неговата изјава стои ДУИ и дали Ахмети планира да го отвори ова прашање пред владиниот партнер.
Висок функционер од СДСМ вели за статусот на експрипадниците на ОНА да ги прашаме ДУИ. Коментарите се дека Меџити тера внатрепартиска битка и си го билда сопствениот рејтинг.
– Не се сеќавам дали воопшто Ахмети го отворил статусот на ОНА во разговорите со Заев за формирање владина коалиција, но дефинитивно тоа не е дел од владиниот договор – вели висок функционер на СДСМ.
Меџити, пак, пред споменикот на Скендербег каде вчера ДУИ го одбележа загинувањето на Елези рече дека не се откажуваат од решавање на нивниот статус.
– Нивниот статус е поголем од ДУИ. Затоа, ниту ДУИ, ниту Албанците не се откажуваат, затоа што тие се најмногу заслужни за сè што е постигнато во овој период – изјави Меџити за весникот Лајм.
Впечатливо е дека собирот во чест на загинатиот припадник на ОНА, Елези, по подолг период на едно место ја собра цела ДУИ, но не ги смири закараните крила. Како што може да се забележи од фотографиите кои партиските функционери ги објавуваат на Фејсбук, еден до друг се седнати Ахмети и Меџити, Артан Груби, Муса Џафери, Блерим Беџети, односно спротивставените страни во партијата.
Ахмети иако седна до Меџити, сепак не се поздрави со него.
Висок функционер од ДУИ за Плусинфо вели дека деновиве имало неуспешни обиди на сопартијци да ги затоплат односите помеѓу Ахмети и Меџити. Според информациите, Меџити останал на ставот дека на Бујар Османи и на Артан Груби не им е место во Владата, по што и пропаднал обидот Ахмети да ги ублажи тензиите меѓу раскараните страни.
Од друга страна, ДУИ преку чествување на загинатите припадници на ОНА си тера своја агенда иако нивниот статус не е решен и тие не се признати од државата.
Имри Елези иако загинат во 2001 година, повеќе од 10 години ја „бранува“ јавноста. Толку време виси и прашањето дали преименувањето на четири училишта во Чаир, меѓу кои и преименувањето на училиштето „Рајко Жинзифов“ во „Имри Елези“ и поставувањето на нови табли на училиштата е законско, бидејќи одлуките не беа донесени со Бадентерово мнозинство.