МЕЏИТИ НАЈАВИ ЕКОЛОШКА РЕВОЛУЦИЈА Договорот со Британија овозможува чистење на депониите во целата држава

Историски договор со Велика Британија отвора врата за чиста иднина, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

669

Македонија денес го направи првиот чекор кон конечно решавање на еден од најгорливите еколошки проблеми – чистење на опасниот индустриски отпад. Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити го оцени потпишувањето на договорот за инфраструктурно партнерство со Обединетото Кралство како „историски ден“ за државата.

– Ова е историски ден за државата – потпишување на финансиски договор со Велика Британија, со што стратешки се решаваат и се инвестира во повеќе области како што се железничкиот сообраќај, образованието, здравството. Кон ова додававме и проекти од областа на екологијата – изјави Меџити, по потпишувањето на договорот во собата на Винстон Черчил, во британскиот Оддел за бизнис и трговија.






Тој нагласи дека посебен акцент ќе се стави на деценискиот проблем со опасниот отпад кој постои на неколку локации во земјава, особено околу стари индустриски погони од времето на поранешна Југославија.

– Долго време се бориме да го решиме проблемот со опасниот отпад – отпад што е ризичен и за природата и за граѓаните. Ова е нова можност еднаш засекогаш да се затвори тој проблем, со што ќе придонесеме за поздрав живот и за природата во нашата држава – порача министерот.

Меџити беше дел од владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски. Во делегацијата учествуваа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Поврзани содржини