Судот во Пекинг, кој се занимава со бракоразводни парници, му наредил на мажот, со презиме Чен, да ѝ плати надомест на поранешната сопруга Ванг за домашните работи што ги вршела за време на петгодишниот брак, пренесуваат светските медиуми. Според пресудата, жената ќе добие еднократно 7.700 долари, односно 6.300 евра, плус месечна алиментација.
Според новиот Граѓански законик, кој стапи на сила оваа година, поранешните сопружници имаат право да побараат надомест на штета за првпат ако сносуваат повеќе одговорности дома во заедничкиот живот.
Поранешната сопруга Ванг пред судот изјавила дека за пет години брак, таа „се грижела за детето и ги извршувала домашните работи, додека Чен не се грижел ниту за нивниот син ниту за домашните работи, одел само на работа“. Чен побарал развод, но Ванг не се согласувала со таа одлука. Таа се согласила на развод малку подоцна и побарала поделба на имотот и финансиска компензација.
Судот пресудил дека Ванг преземала повеќе обврски во домаќинството и дека треба да ѝ се плати 50.000 јуани, со оглед на старателство над детето и 2.000 јуани алиментација месечно.
Овој историски бракоразводен спор предизвика жестока дебата во Кина.
„Жените никогаш не треба да бидат домаќинки… кога ќе се разведеш, нема да ти остане ништо. 50.000 јуани за домашни работи се глупост“, „Сите кои вршеле домашни обврски знаат дека домашната работа не е полесна од кариерната, туку баш напротив, таа е потешка“, се само некои од бројните коментари.