МАСАКР ВО УЧИЛИШТЕ ВО АРГЕНТИНА Тинејџер убие едно дете и повреди осуммина
Еден ученик загина, осум се повредени откако 15-годишник отвори оган во училиште во аргентинската покраина Санта Фе.
Трагичен инцидент се случи денес во училиштето Маријано Морено во Сан Кристобал, каде 15-годишно момче отвори оган, при што загина еден ученик, а осум други се повредени, соопштија локалните власти.
Напаѓачот бил приведен веднаш по инцидентот, додека полицијата го обезбедила училиштето. Според првичните информации, шест ученици се здобиле со полесни повреди додека бегале од местото и се надвор од животна опасност. Двајца повредени се префрлени во Регионална болница Рафаела, од кои едниот е во сериозна, но стабилна состојба.
Очевидци раскажуваат дека напаѓачот излегол од тоалетот со оружје и почнал да пука, по што настанала паника меѓу учениците. Инцидентот се случил додека учениците чекале да се подигне националното знаме, ритуал што се изведува пред почетокот на наставата во градот со околу 16.000 жители.
Властите веруваат дека било употребено огнено оружје, најверојатно пушка. Наставата била веднаш прекината, а учениците биле испратени дома. Идентитетите на напаѓачот и жртвите засега не се објавени.
Судските власти соопштија дека 15-годишникот нема веднаш да биде кривично гонет, бидејќи новиот закон за малолетничка кривична постапка, кој предвидува одговорност од 14 години, сè уште не е стапен на сила. Тој ќе почне да се применува за 180 дена. Според важечките прописи, максималната мерка за малолетник може да биде сместување до 15 години во специјализиран центар со програми за ресоцијализација.
Истражните органи ќе утврдат како момчето дошло до оружјето и дали постои одговорност кај родителите или возрасните од неговата околина. Локалната функционерка Каролина Морели повика на поголемо внимание кон психолошката и социјалната поддршка на учениците и нивната средина.