МАСАКР ВО СИРИЈА, ЕГЗЕКУТИРАНИ 19 ДРУЗИ Мајка сведок на убиството на трите синови
Организациите за човекови права алармираат на злосторства против човештвото во сирискиот град Свеида, каде владините сили погубија 19 цивили, меѓу нив и жени и млади мажи – насилството се одвивало под маската на прекин на огнот.
Сириските владини сили егзекутирале вкупно 19 цивили во градот Свеида, претежно припадници на друзиската заедница, пренесе Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), цитирајќи извори од терен.
Според информациите, два масакри се случиле утринава, додека владините сили тврделе дека вовеле прекин на огнот во градот кој претходно бил под контрола на локални друзиски борци. Наспроти најавите за мир, припадници на безбедносните сили упаднале во пансионот на семејството Радван и таму егзекутирале 12 цивили, соопшти СОХР.
Во друго убиство, во селото Таала, вооружена група поврзана со владините сили, според извештајот на истата организација, погубила четири цивили, меѓу кои и една жена, во пансионот Мазлума.
Дополнително, Хјуман рајтс воч известува за ново злосторство – во близина на кружниот тек Ал-Баша, северно од градот Свеида, тројца мажи биле застрелани пред очите на својата мајка, која сведочела на бруталната егзекуција. Напаѓачите, според организацијата, биле поврзани со сириските безбедносни служби.
Свеида, град со мнозинско друзиско население, беше центар на дводневни судири меѓу Друзите и бедуинските групи, во кои според податоците загинале околу стотина луѓе.
Меѓународните организации повикуваат на итна истрага и прекин на насилството, предупредувајќи дека цивилното население е цел на етнички мотивирани напади и безмилосни ликвидации од страна на владини и паравоени структури.