МАРШ НА ВЕТЕРАНИТЕ НА ОВК ВО СКОПЈЕ Побарана правда за поранешните водачи обвинети во Хаг

На плоштадот „Скендербег“ ветерани и поддржувачи на ОВК побараа правда за поранешните водачи на организацијата кои се на судење во Хаг, додека протестот помина под засилено полициско обезбедување.

108

На плоштадот „Скендербег“ во Скопје денеска се одржа протестен марш на ветераните и поддржувачите на ОВК. Учесниците искажаа поддршка и побараа правда за поранешните водачи на ОВК кои се на судење во Хаг.

Покрај лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој се обрати пред присутните, како и раководството на оваа партија, меѓу учесниците на протестот беше и Зијадин Села од Алијанса на Албанците.






– ОВК не беше криминална организација, туку се бореше за правата и за еднаквост на Албанците. За време на конфликтот се почитуваа сите меѓународни конвенции. Не е точно тоа што е наведено во обвинението за поранешните водачи на ОВК кои се на судење во Хаг. Испраќаме порака до сите меѓународни фактори дека треба да има правда за овие луѓе – беше речено на протестниот марш.

Додека траеја обраќањата, учесниците на протестот скандираа во знак на поддршка на ОВК. Се вееја знамиња на Албанија, Косово и САД, а дел од присутните носеа и фотографии од обвинетите.

Протестот помина мирно, но можеше да се забележи бројно полициско обезбедување.

Премиерот Христијан Мицкоски пред три дена изјави дека Владата не го поддржува маршот на ветераните и поддржувачите на ОВК во Скопје, како и дека е формиран кризен штаб кој ќе ги следи случувањата поврзани со настанот.

Поврзани содржини