МАРКОВСКИ САКА ДА ГО СТИМУЛИРА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ Поради недоградени 5 метри, мостот „Љубљанска“ не е во функција
На Скопје му требаат функционални и безбедни мостови, кои ќе функционираат и ќе придонесуваат кон растоварување на сообраќајот, рече професорот Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“.
Тој зборуваше пред мостот „Љубљанска“, кој е на територија на општина Карпош, а чиј проектант е токму Марковски.
Професорот истакна дека мостот не е пуштен во употреба, затоа што властите се конфронтирале меѓусебно за 5 метри од мостот, кои треба да се довршат, но градот и општината си ја префрлале надлежноста.
– Мојата визија за Скопје е град со значително поголема безбедност во сообраќајот, каде што ќе се мапираат сите критични точки и ќе се постави поголема сигнализација. Планираме и дестимулирање на возењето на автомобили. Јавниот транспорт и алтернативните превозни средства мора да станат наше секојдневие – истакна Марковски.
Професорот ја започна својата прес конференција во „5 до 12“, затоа што смета дека алармот за Скопје е вклучен. Тој ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за бројот 128 за градоначалник и 39 за листата советници во Град Скопје предводена од Јана Белчева Андреевска.
„Независни заедно“ е граѓанска платформа која ги обединува „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.