На самиот крај е составувањето на новата влада, вели мандатарот Димитар Ковачевски, но не ги открива имињата за првите луѓе во министерствата. Тој истакнува дека секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата.
– Новата Влада интензивно ја подготвувавме изминатите недели и веќе сме на самиот крај. Ги реализиравме сите средби со коалициските партнери за усогласување на програмите и кадровските решенија и задоволен сум како течеше целиот процес. Нашата цел да составиме стабилна Влада со јасни принципи на делување е исполнета. Ваквата Влада ќе значи ефикасност во работењето и стабилност во решавањето на сериозните предизвици кои ни претстојат. Во однос на кадровските решенија, тоа се луѓе кои ги отсликува ефикасноста во работењето, имаат сериозен професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Социјалдемократските вредности и пристап во политиката се исто така одлика на новиот тим. Тоа се луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина – вели Ковачевски во интервју за МИА.
Тој истакна дека во новиот владин состав и во ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори.
Примарен фокус на неговата влада во следните три месеци, како што посочи тој, ќе биде ставен на одговорот на енергетската криза, за што веќе бил подготвен и план. Тој лично во кризата гледа шанса конечно како држава да направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост.
Ковачевски најави и подготовка на сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Тој додава дека во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството.
Идниот премиер очекува континуиран раст на вкупната економија со стапки од најмалку 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно.