МАЛИ НУКЛЕАРНИ РЕАКТОРИ ЗА СЕКОЈ ГРАД, СЕМЕЈСТВО…Нуклеарното е новото „зелено“, арно ама фалат пари, мрежа и технологија
Плејада на компании низ светот продолжуваат да инвестираат во новата технологија на мини реактори со моќност до 300 мегават-часови и во новата 2024 година, без разлика што лани во ноември пропадна проекто на „НуСкејл Павер“ од Ајдахо поради непредвидените зголемени трошоци. Полска даде зелено светло за изградба на 24 нови единици на мали модуларни реактори (СМР) на шест локации.
Додека во 2023 година мислевме дека „нуклеарното е новото зелено“ за во ноември месец да спласне ветувачкиот проект за мини-нуклеарни централи на компанијата „НуСкејл Павер“ од САД, новата 2024 година почнува повторно со оптимистички вести. Многу земји веќе одобрија градење на вакви мали реактори на нивна територија иако технологијата е во развој. Реакторите кои треба да заменат централа со моќност и до 300 мегаватчасови енергија се сметаат за алтернатива на зелените технологии кои веќе извесно време светот пробува да ги имплементира.
За да постигнеме нула емисии на јаглерод до 2050 година треба да ги зголемиме капацитетот на сегашните нуклеарни реактори за 2,5 до 3 пати од она што го нудат сега. Значи од максималните 370 гигавати на помеѓу 916 GWe и 1.160 GW до 2050 година. Вака вели декемврискиот извештај на New Nuclear Watch Institute (NNWI), тинк-тенк со седиште во Лондон.
Дали нуклеарната енергија ќе се врати во оваа мала спакувана форма? Пазарот е необично место. Технологијата во моментов е скапа, но ветува едно децентрализирано сценарио каде дури и секој поголем град ќе може да има пристап до оваа, веќе позната технологија, која, и покрај тоа што побарува огромна стручност и стандарди, сé уште го ужива статусот на чиста енергија.
Предноста на малите нуклеарни реактори е што ќе можеме да ги поставуваме на секакви локации, побрзо и поевтино. Двата главни проблеми засега се тоа што многу држави немаат соодветна мрежна инфраструктура и што за да се изгради оваа мрежа за дистрибуција и приклучок ќе чини дополнителни пари.
Во извештајот објавен во Нуклеарно инженерство се проценува дека до 2050 година би требало да имаме мали реактори со капацитет од150-170 GWe. Се очекува мини-реакторите да заменат една третина од енергетското производство во САД и Канада, околу една четвртина во Кина и уште една четвртина низ пазарите во развој во Африка, Азија и Латинска Америка.
По војната во Украина европските земји почнаа да се навраќаат на „нуклеарната опција“. Франција и денес е 69% нуклеарна во енергијата. Германија е внимателна и размислува како и повеќето земји од ЕУ. Но сега Полска даде зелено светло за изградба на 24 нови единици на мали модуларен реактор (СМР) на шест локации.
Падот на „НуСкејл Павер“ во Ајдахо во ноември и фактот дека компанијата имаше трошоци од 9,3 милијарди долари минатата година не ги плашат останатите компаниии. Дури, Мајкрософт на Бил Гејтс изминатите шест месеци тренира вештачка интелегенција која треба да го реши економскиот проблем врзан со овие нови мали реактори.
Нуклеарно инженерство го цитира извештајот и пишува дека руската серија на реактори РИТМ, која има корист од државната поддршка и ќе ќари од раното преминување во фазата на сериско производство, се очекува да го освои најголемиот дел од глобалната флота на малите нуклеарни реактори, што претставува 17-18% од нејзиниот вкупен капацитет. Дури, извештајот вели дека руската компанија „Росатом“ веројатно ќе ги извезува овие реактори и покрај западните санкции.
Кинеските Linglong One, NuScale’s VOYGR, GE Hitachi’s BWRX-300, како и напредните реактори како XE-100 се предвидува да обезбедат значителен удел на глобалниот пазар во наредните децении. Извештајот проценува дека развојот на капацитет од 150-160 GWe кај реакторите на глобално ниво до 2050 година ќе бара инвестиции од околу 800-900 милијарди американски долари, врз основа на цените кои ги имавме минатата 2023 година.
Друга компанија во трката за инсталирање на првиот комерцијален мал нуклеарен реактор е „Холтек Интернационал“ со својот модел „СМР-160“. Компанијата тврди дека нивниот систем е поедноставен од реакторите кои работат во моментов, без потреба од активни пумпи, што ги прави посигурни. Моделот СМР-160 има номинална електрична моќност од 160 MWe. За споредба, генераторите инсталирани во српската термоцентрала „Никола Тесла“ кај Обреновац се со моќност помеѓу 210 и 308,5 MW.
„Холтек Интернационал“ тврди дека СМР-160 ќе овозможи секоја постројка на јаглен да се пренамени со замена на неговиот котел на јаглен со чиста пареа од SMR-160. Ова звучи како интересен предлог за Југоисточна Европа со многуте стари електрани на јаглен.
Ако ништо друго, мини нуклеарните реактори звучат многу пореално од реакторите за фузија или од заложбите за зелена енергија и за намалување на фосилните горива кои светските магнати со нафта и гас ги даваат на секој самит за климата.