МАЛЕЧКАТА АЈА ПРЕФРЛЕНА НА БЕЗБЕДНО МЕСТО Страв од можно киднапирање или измама при посвојувањето
Во понеделникот имаше вооружен инцидент во болницата во регионот под контрола на опозицијата каде што таа беше на лекување.
Бебето Аја родено под урнатините во Сирија по силниот земјотрес од 7.8 степени е однесено на безбедно место поради страв дека може да се случи киднапирање. Нејзината мајка почина, исто како и други членови од семејството.
Девојчето сега е сираче, а приказната трогна многу луѓе и се јавија брачни двојки кои сакаат да го посвојат девојчето. Дури и двојка од Сараево сакаше да го посвои детето.
Во понеделникот имаше вооружен инцидент во болницата во регионот под контрола на опозицијата каде што таа беше на лекување.
– Здравствениот дом во Африн презеде мерки на претпазливост за да го заштити девојчето Аја од можно киднапирање и измама за посвојување – изјави извор за Би-Би-Си.
Шефот на здравствената управа, Ахмад Хаџ Хасан, ги негираше тврдењата на социјалните мрежи дека станува збор за осуетен обид за киднапирање на Аја.
Калил ал-Сувади, далечен роднина кој бил таму кога ја извлекле на безбедно, го донел бебето во болница во Африн. Девојчето е родено во градот Џиндарис.