МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ГО ПОВРЕДИЛ ИНТЕГРИТЕТОТ НА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА? Пратеникот Рамчиловиќ бара кумановскиот градоначалник јавно да се извини
Зеќир Рамчиловиќ реагира затоа што на средбата помеѓу кумановскиот градоначалник и претседателката на Република Српска не било истакнато државното знаме на БиХ.
Општина Куманово и нејзиниот градоначалник Максим Димитриевски направиле „грубо кршење и непочитување на територијалниот интегритет и суверенитет“ на Босна и Херцеговина, на средба по повод празникот Свети Сава, помеѓу претседателката на Република Српска и градоначалникот Димитриевски.
Ова го тврди Зеќир Рамчиловиќ, пратеник и претседател на групата за пријателство помеѓу парламентите на Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, во отворено писмо до јавноста.
„На средба од меѓународен карактер задолжителна е употреба на знамето на државата од која доаѓа високиот гостин, во случајот задолжителна е употреба на државното знаме на Босна и Херцеговина. Што во овој случај не беше направено, туку се користеше знаме на еден нераскинлив дел од Босна и Херцеговина. Знамето на Босна и Херцеговина е симбол со кој се претставува државноста на меѓународни средби и ваквите пропусти и грешки, намерни или ненамерни, не смеат да се случуваат. Особено во ова време во кое сѐ позачестени се сецесионистичките намери на дел од власта и политичарите на Србите од Босна и Херцеговина, кои можат да доведат до катастрофлни последици“, пишува Рамчиловиќ.
На средбата, освен споменатите, присуствувале и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Северна Македонија, Драган Јаќимовиќ, како и пратениците од српската заедница во Собранието на РСМ, Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ и други јавни личности. Рамчиловиќ ја поздравува средбата, но предупредува:
„Со ваквиот чин од страна на Општина Куманово се нанесува штета врз добрите и пријателските односи помеѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија, иако нашата држава во секој поглед го подржува и го смета за неприкосновен територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина. На средбата кај претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, не се случија вакви пропусти, при што согласно протоколите се користеше државното знаме на Босна и Херцеговина согласно државата од која доаѓа високата делегација“.
Рамчиловиќ бара градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, јавно да се им се извини на сите граѓани на нашата држава, особено до сите граѓани чија матична држава е Босна и Херцеговина. Пратеникот очекува амбасадорот на Босна и Херцеговина да се огради од вакво грубо непочитување на Босна и Херцеговина на средбата.