МАКРОН ЈА ГЛЕДА АЛБАНИЈА ВО ЕУ ВО 2027 ГОДИНА Повика да се инвестира во земјата
Албанија е „влезна точка“ во регионот на Балканот и пошироко во медитеранскиот басен и за две години, за што премиерот Еди Рама има јасен мандат, таа ќе се приклучи на ЕУ, смета францускиот претседател Емануел Макрон.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Тирана ги повика странските инвеститори да дојдат во Албанија, која, како што рече, ќе биде во Европската Унија „за две години“.
– Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети – рече Макрон на економскиот форум „Приоритет Европа“, кој го организираше институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас.
Целта на состанокот е да ги поврзе европските лидери и иноватори со суверените фондови и шефовите на компании од Блискиот Исток, Азија и САД.
Албанија е „влезна точка“ во регионот на Балканот и пошироко во медитеранскиот басен, смета францускиот претседател.
– И за две години, за што премиерот Еди Рама има јасен мандат, таа ќе се приклучи на ЕУ – рече Макрон.
Рама изјави дека преговорите на неговата земја за приклучување кон ЕУ почнале во 2022 година.
– Ако добро ги завршиме сите свои задачи, би можеле да ги заклучиме до 2027 година – рече Рама, додавајќи дека тоа „би било неверојатно“.