„МАКПРОГРЕС“ ГО ОТВОРА „ВИНЧИНИ ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ“ Ќе се развиваат иновативни производи преку научно – истражувачки анализи
Анализите на Комората од областа на пазарот на трудот, покажуваат дека на македонската економија ѝ е потребно токму она што го прави сега „Макпрогрес“ со овој проект, а тоа е потесно специјализирање на кадарот и насоченост кон иновации и развој.
Компанијата „Макпрогрес“ од Виница денеска ќе го отвори „Винчини центарот за развој и прогресив Академија“ под слоганот – „ Нови патишта за успехот во регионот“.
Проектот кој „Макпрогрес“ успешно го реализира во услови на една од најголемите светски здравствени кризи со сериозни економски импликации јасно ја покажува определбата на компанијата за континуирано инвестирање во еден од клучните предуслови за развој – стручен и соодветен кадар.
На крајот на 2019 година „Макпрогрес одлучува да инвестира во развоен центар за нови производи и решенија со своите вработени, бизнис партнери, добавувачи, старт- ап компаниите, академската и научната фела, учениците од дуалното образование и младите како би одговориле на предизвиците на создавање на квалитетни производи и решенија во прехранбената индустрија, за одржлив развој на регионот.
– Овој концепт на работа, преку научно – истражувачки анализи да се развиваат иновативни производи, треба да бидат пример за компаниите дека само така се доаѓа до поуспешни, конкурентни фирми препознатливи и кај нас и низ светот, а академиите кои се насочени кон професионална надградба на нивните стручни кадри, но и на извршните менаџери секако дека ќе придонесат за развојот на бизнис-секторот во овој регион, а со тоа и во државата – вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азески кој заедно со потпретседателката Елена Милевска-Штрбевска и в.д. оперативниот директор за развој, иновации и знаења во Комората Михајло Донев ќе присуствуваат на свеченото отворање на Центарот.
Од Стопанската комора велат дека инвестирањето во образование на кадри за потребите на бизнисот е една од нејзините клучните заложби, за што веќе се преземаат и конкретни чекори преку секторот за развој, иновации и знаења при Комората, односно преку Советот за унапредување на високото образоавние, во насока на усогласување на понудата со побарувачката на работна сила, од една страна, како и поттикнување на инвестициите и извозот, од друга страна, како претпоставка за стабилна и развојна економија.
Анализите на Комората од областа на пазарот на трудот, покажуваат дека на македонската економија ѝ е потребно токму она што го прави сега „Макпрогрес“ со овој проект, а тоа е потесно специјализирање на кадарот и насоченост кон иновации и развој имајќи го предвид податокот дека 53 отсто од новите работни места бараат стручно образование во определена област.
– Истражувачките и развојните центри треба да бидат клучната основа од каде што треба да се појде при градењето на стратегиите и дефинирањето на чекорите за натамошно придвижување напред, на економски план. Научно-истражувачки анализи, а не паушални констатации е нашето мото – велат од Комората.